Обврската на граѓаните да учествуваат во демократскиот процес за избор на следната влада, може без тешкотии да се комбинира со плажа, рече лидерот на Нова демократија, Кирајкос Мицотакис во едно од неговите интервјуа за грчките медиуми во изминатите денови.
А со ист став е актуелниот грчки премиер. Во вчерашното интервју за ЕРТ рече дека граѓаните „можат и да гласаат и да одат на плажа“.
Токму овој рецепт веројатно ќе го следат голем број Грци – утре ќе комбинираат плажа и избори.
За прв пат во поновата грчка историја, граѓаните во јули ќе гласаат на предвремени парламентарни избори, но сепак посетувањето на гласачко место на средина на лето и не е толку непознато за Грците, со оглед на тоа дека референдумот пред четири години се одржа на 5 јули.
Високите температури во целата земја и терминот за изборите ја отвораат дилемата за Грците: разладување на море или гласање? Прашање кое дописничката на МИА од Атина им го постави на неколку Грци.
-Планираме со семејството претпладне да одиме на гласање, а оттаму директно на некоја од атинските плажи, вели Гркинка за МИА.
-Ниту ќе одам на море, ниту ќе гласам, кусо одговара млад Грк.
Иако уште не сум решила за кого ќе гласам, сепак ќе го остварам моето право. А за на море, ни за тоа не знам. Гледате, малку сум неодлучна, вели со насмевка млада студентка.
Токму кон неодлучните и кон излезноста е насочено вниманието на лидерите на грчките политички партии, кои континуирано ги повикуваат граѓаните масовно да излезат да гласаат.
-Гласачките кутии на 7 јули ќе бидат празни, е позицијата и на Алексис Ципрас и на Кирјакос Мицотакис, што веројатно е единственото нешто за кое се согласуваат и имаат идентичен став и лидерот на СИРИЗА и лидерот на Нова демократија. Актуелниот премиер и актуелниот претседател на најголемата грчка опозициска партија ги оставаат настрана резултатите од европските избори одржани на 26 мај, кои воедно беа причина за предвремените парламентарни избори. И двајцата за време на нивните предизборни кампањи повикаа, граѓаните масовно да излезат на гласање.
Истражувањата на јавното мислење предвидуваат сигурна и убедлива победа на Мицотакис
Резултатите од европските избори заедно со процените и предвидувањата на агенциите за рејтинг по спроведените истражувања на јавното мислење го навестуваат победникот, јави дописничката на МИА од Атина.
Нова демократија судејќи според сите анкети во предизборниот период објавени од средината на минатиот месец, а заклучно со вчера, се очекува да биде убедлив победник в недела и тоа со доволен број пратеници за еднопартиска влада.
Во текот на вчерашниот, последен ден од кампањата беа објавени две нови анкети спроведени за телевизиите Антена и Стар. Според едната, Нова демократија има предност од 11% пред СИРЗА, според другата разликата е 9,1%.
Речиси сите истражувања на јавното мислење предвидуваат значителен пад на поддршката за Златна зора, партијата која од 2012 кога за прв пат влезе во Парламентот па се до пред извесно време беше стабилна на третата позиција. Сега, според некои од анкетите, дури се наоѓа на границата од 3%.
За да ја надминат токму оваа граница од 3% што е и предуслов за влез во Парламентот ќе се борат и двете мали партии, десничарско ориентираната Грчко решение на поранешниот пратеник од ЛАОС, Кирјакос Велопулос и левичарски ориентираната МЕРА25 на поранешниот министер а финансии во владата на СИРИЗА, Кирјакос Велопулос. Според дел од анкетите и двете партии обезбедуваат место, според друг дел само едната од двете или па ниту една.
Изборите низ бројки
Речиси 10 милиони Грци, утре ќе гласаат на предвремените парламентарни избори во Грција. Право на глас имаат 9 922 294 граѓани, 536 920 се нови гласачи, од кои 106 760 се на возраст од 17 години, кои оваа година на прв пат имаат право на глас, односно ќе гласаат и родените меѓу 1 јануари 2002 и 31 декември истата година.
Гласањето во Грција е задолжително за граѓаните, освен за оние кои што живеат во странство или се над 70годишна возраст.
Гласачките места низ цела Грција ќе бидат отворени од 7 до 19 часот по локално време, а традиционално веднаш по затворањето медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.
Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.
За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 288 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 12 се на листа која важи за целата земја.
Утрешните избори се и последни на кои партијата победник ќе добие бонус 50 пратенички места, бидејќи согласно промените во изборниот законик изгласан на 22 јули 2016 во Грција се воведува пропорционален модел и се укинува
бонусот за првата партија. Изгласаните промени, тогаш не го добија потребното двотретинско мнозинство од Парламентот, па така ќе стапат во сила на вторите избори по нивното усвојување, односно не на овие, туку на следните избори, кога и да се одржат.
Вкупно 20 партии учествуваат во трката, а една партија за да влезе во грчкиот Парламент потребно е да добие минимум 3% од гласовите. Во зависност од тоа колку мали партии ќе обезбедат место, така и се распределува бројот на пратеници. Односно, помалку партии повеќе пратенички места за победникот и обратно.
На минатите парламентарни избори во септември 2015 учество зедоа 19 партии, а осум од нив обезбедија место во Парламентот. СИРИЗА беше победник со 35.46% и доби 145 пратенички места, зад неа беше Нова демократија со 28.09% и 75 пратеници, а потоа следеа Златна зора со 18, коалицијата на ПАСОК со 17, Комунистичката партија 15, Река 11, Независни Грци 10 и Сојуз на централисти 9 пратеници.
Река и Независни решија воопшто и да не учествуваат на овие избори.
Согласно грчкиот Устав, партијата што ќе освои најголем број гласови и ќе победи на изборите, во понеделник, од претседателот на земјата ќе добие 72часовен мандат за формирање влада. Доколку не успее да формира влада, го враќа мандатот, кој потоа го добива втората и на крај третата партија, доколку и вториот обид е неуспешен.
Ако ниту една од трите партии не успее да формира влада, тогаш претседателот на државата свикува лидерска средба, а ако ни таа не донесе резултат, се распишуваат нови парламентарни избори, како што беше случај пред седум години, во јуни 2012.
Доколку се потврдат предвидувањата на грчките агенции за рејтинг и Мицотакис добие доволен број на гласови за формирање еднопартиска влада, тогаш, како што самиот најави во интервјуата за медиумите, неговата влада е веќе подготвена, знае кои ќе бидат министри, а свечена заклетва ќе положат во вторник.
Новоформираниот Парламент ќе се отвори на 17 јули со свечена заклетва на новите пратеници, следниот ден ќе се гласа новиот претседател на Парламентот, а потоа и презентирање на владината програма и гласање доверба на новата влада.
За утрешните избори акредитирани се и голем број странски новинари, а во салата за конференции Запио во центарот на Атина ќе работи и прес центар за следење на изборниот процес.
|
|||
Comments are closed for this post.