На три различни локации, еден во регионот Атика, пошироката област на Атина и два на Пелопонез, избувнале нови шумски пожари. Со нив, во изминатите 24 часа грчката противпожарна служба интервенирала во гаснење на вкупно 58 шумски пожари во целата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Претпладнево избил пожар во Апропиргос, западно предградие на Атика, но не претставува опасност за околните населби. Во гаснењето учествуваат 35 пожарникари со 15 возила, еден пешадиски тим и два хеликоптери.
Пожари има и во северозападниот дел и во југозападниот дел на Пелопонез. Во областа Варда, интервенираат 32 пожарникари со 15 возила, 10 пешадиски тимови, три авиони и еден хеликоптер, а во регионот на Месиниа, 13 пожарникари со 6 возила, три авиони и еден хеликоптер.
За вчерашниот пожар на грчкиот остров Лерос, уапсен е 20-годишен странски државјанин, жител на островот под сомнение дека го подметнал пожарот што синоќа беше ставен под контрола, а во кој изгореа над 40 хектари борова шума.
Исто како и за вчера, така и за викендов, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, предупредува за многу висока опасност од пожари во повеќе делови на земјата.
Comments are closed for this post.