Почна седницата за ратификација на нацрт законот на Министерството за надворешни работи на Грција за Договорот од Преспа. Предвидено е, доколку не се пролонгира за подоцна, поради големиот број пријавени пратеници за збор, гласањето да се одржи во 14.30 часот.
Вчерашната расправа ја одбележаа обраќањата на лидерите на политичките партии, меѓу кои и претседателот на СИРИЗА и премиер, Алексис Ципрас и претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. И двајцата говореа детално и опширно, едниот 70, другиот 60 минути за нивните аргументи зошто се „за“, односно „против“ Договорот од Преспа.
Во овој момент се наоѓаме еден чекор пред историски настан,рече грчкиот премиер во неговото обраќање и додаде дека по речиси 30 години неактивност и по една цела година исцрпни преговори, „доаѓаме до крајот на еден исцрпувачки процес“.
Во однос на тоа дали со договорот се признава државјанство или националност, Ципрас го повтори она што го спомена Катругалос на комисијата за надворешна политика и одбрана.
Државите признаваат држави. Не признаваат народи, и да сакаше Коѕијас да им даде националност не можеше бидејќи меѓународен договор не може да признава националност, туку само државјанство, рече Ципрас.
Грчкиот премиер истакна дека земјата со „овој договор ги добива назад историјата, симболите и античката грчка историја”, но и дека се става крај на иредентизмот.
Обраќајќи се до опозициската Нова демократија рече дека главниот проблем не е договорот, туку СИРИЗА, бидејќи СИРИЗА го донесе договорот. А на Мицотакис му порача дека му недостигаат храброст и смелост.
Алексис Ципрас говорот го заврши со пораката дека „е време за национална самодоверба и национална гордост, ова е историски ден”.
Претседателот на грчката опозициска партија, Кирјакос Мицотакис порача дека тој како премиер би го искористил правото на вето на патот на Македонија кон Европската унија.
Процесот за интеграција на Скопје во ЕУ не е поврзан со Договорот од Преспа. Грција може во било кој момент да стави вето во процесот на интеграција на Скопје во ЕУ и ова право на нашата татковина одбивам да го напуштам, порача Мицотакис.
На почетокот на неговиот говор рече дека Договорот од Преспа не требаше никогаш да биде потпишан и „секако никогаш не требаше да дојде во грчкиот Парламент за ратификација, бидејќи претставува национален пораз”.
Лидерот на Нова демократија сепак кажа дека мора да биде искрен дека ако Договорот се ратификува, тогаш не може да се поништи бидејќи има посилна моќ од било кој закон и затоа од парламентарната говорница ги повика пратениците, како што рече, да го кажат големото “НЕ” на гласањето за ратификација на договорот.
Мицотакис спомена седум вистини за тоа дека Грција направила отстапки во Договорот од Преспа.
#Update: Video of some tear gas has been thrown by riot police in #Athens in #Greece towards protestors in front of parliament building. pic.twitter.com/YyoKf0zBZF
— Sotiri Dimpinoudis (@sotiridi) January 24, 2019
Додека во грчкиот Парламент траеше расправата и пред пратениците говореа лидерите на политичките партии, пред Парламентот се одржа протест против Договорот од Преспа, далеку помалку масовен од оној во неделата.
Демонстрантите извикуваа „Македонија е грчка“, „Скопјане, нема никогаш да станеш Грк“ и слично, преку плакати побараа референдум, но и оставка од грчкиот претседател Павлопулос.
Comments are closed for this post.