Турскиот претседател и лидер на Партијата на правдата и развојот (АКП)  Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја веќе го купила рускиот одбранбен систем С-400, јави агенцијата Анадолија.

Не велам дека Турција ќе го купи рускиот одбранбен систем С-400, туку дека веќе го купи. Тоа е веќе договорено, изјави Ердоган пред седница на АКП во Анкара.

Тој исто така истакна дека Турција купува и американски борбени авиони Ф-35.

Турција не само што купува американски авиони Ф-35, туку и учествува во нивно производство, прецизира Ердоган, додавајќи дека со американскиот претседател Доналд Трамп наскоро ќе разговара во врска со купување на Ф-35.

Тој информира дека кон крајот на месецот во Јапонија ќе се сретне со Трамп и изрази надеж дека тогаш ќе разговараат „и за овие прашања“, пренесе Анадолија.