Додека премиерот Зоран Заев јаваше на партиската метла и го чистеше раководството од кадрите кои не дале доволно добри резултати, практично целото раководство на СДСМ, во Атина неговиот „преспански колега“ Алексис Ципрас со наведната глава ги слушаше резултатите од европските и од локалните избори. Ципрас и неговата Сириза се владејачка партија само на хартија – на терен најсилна политичка опција е Нова демократија на Киријакос Мицотакис, кој речиси за десет проценти го победи соперникот.
Ципрас знае што е политика, па уште синоќа објави – вонредни избори на крајот на јуни. Сега е јасно дека ќе се вадат долгите ножеви во Сириза и ќе се бараат виновниците за изборниот дебакл, зашто очигледно е дека не е само Преспанскиот договор причина за изборното фијаско.
Грчкиот премиер за кусо време преживеа две гласања за доверба, но вешто играше зад сцената и успеа да обезбеди мнозинство поголемо од 151 глас. Го протурка Преспанскиот договор со многу жртви, купување најмалку 8 пратеници, одеше преку линијата на неопходниот политички морал. И се чини тука завршува неговата успешна приказна и дека просторот за политички маневри е дојден до ќор сокак.
Дел од грчките медиуми објавуваат дека во Сириза не верувале на ваков крах, зашто некој им поттурнувал неточни анкети. Така на Ципрас му се случила класика – од одење по облаци да тресне на земја и да се соочи со реалноста.
Прв на тапет бил ставен неговиот најблизок соработник – портпаролот Димитрис Ѕаканопулос за кого партиските критичари велат дека имал погрешна тактика за комуницирање во последно време и изнел критики за катастрофалниот пожар во Мати како и за отуѓеноста на премиерот од партијата и од општеството. Ова се знаци на сериозен замор кај Ципрас. А, кога тоа ќе се детектира, тогаш секогаш има некој или повеќе кои ќе сакаат да седнат на неговиот трон.
Пред Ципрас и пред Сириза се сериозни предизвици и најверојатно црвениот тепих ќе му биде повлечен по парламентарните избори. Тоа, секако дека ќе има влијание и врз процесот кој е почнат со Македонија по промената на името. Оти Мицотакис беше јасен кога кажа дека ќе настојува да го блокира европскиот пат на нашата земја.
Comments are closed for this post.