Како што јавува сајтот на Дојче Веле на македонски јазик по денешната седница во Софија, Бугарската академија на науките се огласи со став дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Македонската позиција е лажна, велат од БАН.

Со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји, оценуваат бугарските академици испровоцирани од Повелбата на Македонската академија на наука и уметност од 3 декември. Тамошната научна академија- БАН попладнево усвои став сличен на оној на државниот врв во Софија искажан во декларацијата од октомври годинава, дека македонскиот јазик е наречје на бугарскиот, а придружните документи содржат и серија квалификации и навреди за македонскиот јазик.
БАН признава дека денешниот став е директна реакција на донесената Повелба за македонскиот јазик од страна на МАНУ.

Документот (на МАНУ, н.з.) предизвика многу сериозни научни забелешки – се наведува во соопштението на бугарската академија.

Собранието на МАНУ на 3 декември усвои Повелба за македонскиот јазик во која ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик. Повелбата, како што соопшти МАНУ, ги зацврстува ставовите на Академијата за потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања на македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела.

БАН побарала одвоени мислења на оваа тема од три институции: Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и од Инстиутот за историски истражувања; а нивните ставови биле поткрепени и од индивидуалните позиции на академиците на БАН.

Бугарските академици сметаат дека „македонската позиција е лажна и неприфатлива и ги нарушува односите меѓу двете соседни држави“.

Од трите консултирани институции од страна на БАН, јавно достапен е документот на бугарскиот Институт за историски истражувања. Во него се користи синтагмата „ткн. македонски јазик“ и се наведуваат цитати на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович и Кузман Шапкарев од кои произлегува дека јазикот кој се зборува на територијата на Северна Македонија е бугарски.

Главниот карактеристичен квалитет на нашиот заеднички јазик е неговата аналитичност- меѓу сите други словенски јазици само бугарскиот е аналитичен“, наведуваат од бугарскиот Институт. Македонскиот јазик е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“, наведуваат од Институтот повикувајќи се на цитат на неименуван австриски лингвист.

Притоа тие инсистираат дека треба да се прави разлика меѓу „дијалектите во Северна Македонија и официјалната јазична норма на државата“, затоа што стандардизираниот македонски јазик, кој според бугарските историчари е создаден со декрет, бил србизиран.

Но кодот, природата на ткн. македонска норма си останува недопрена и таа претставува ни повеќе ни помалку туку регионален литературен бугарски јазик. Фактот што некој некогаш го кодифицирал и го квалификувал како македонски јазик нема никакво научно значење освен политичко – велат бугарските историчари.

Ставовите на бугарските академици се на линија на декларацијата која на 9 октомври годинава ја усвои бугарската влада, а ден потоа и парламентот во Софија. Во неа беа наведени серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ, а меѓудругото, беше акцентирано дека во документи на ЕУ не смее да се споменува македонскиот јазик.

Треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година – се наведуваше во Декларацијата на бугарската влада.