Пад од височина е причината за смртта на британската туристка на грчкиот остров Икариа, според управникот на службата за судска медицина, кој денеска изврши обдукција на телото и просторот каде што беше пронајдено, јави дописничката на МИА од Атина.

Никос Каракукис, управникот на Службата за судска медицина, утрово од Атина пристигна на грчкиот остров за да ги утврди причините за смртта. Според него, 35-годишната Натали Кристофер, паднала од карпа и веднаш починала.

– Постојат знаци и од обдукцијата во просторот каде што се наоѓа трупот и од обдукцијата, односно од надворешниот преглед, кои одговараат на пад од височина. Дополнителна истрага ќе се спроведе во мртовечницата во Атина, а веројатно ќе се направат и лабораториски анализи. Телото денеска ќе биде пренесено во Атина, според она што ми го кажа шефот на полициската истрага, рече Каракукис.

Телото на 35-годишната Натали Кристофер, по 72 часа интензивна потрага, вчера попладне беше пронајдено на непроодна локација, во провалија длабока околу 20 метри, а трупот и во текот на ноќта остана на истото место за денеска да се изврши обдукцијата.

Британката била на одмор на Икариа, заедно со нејзиниот партнер од Кипар, кој во понеделникот напладне пријавил во полиција дека Кристофер е исчезната, откако не одговарала на неговите повици. Претходно, телефонски разговарале, кога му рекла дека излегла да трча и да планинари.