Автомобил полн со експлозив експлодира на 300 метри од палатата на претседателот на Сомалија, Мохамед Абдулахи, додека водеше разговори со српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

Терористичкиот напад се случи во главниот град на Сомалија – Могадиш. Со автомобилот полн со експлозив управувал бомбаш-самоубиец. Во нападот загинати се најмалку девет лица, додека 13 од нив се повредени.

Како што изјави Дачиќ за Танјуг, се чула силна експлозија, а во меѓувреме му било кажано дека се случил напад во кој имало повеќе мртви и повредени. Дачиќ додаде дека цел на нападот, како што го информирале домаќините, бил поранешниот министер за надворешни работи на Сомалија.

Во изјавата за „Блиц“, Дачиќ, опишувајќи го терористичкиот напад, изјави дека тој и делегацијата од Србија го поминале контролниот пункт на кој што експлодирал автомобилот, дваесет минути пред терористичкиот напад.

Тоа беше напад врз претседателската палата, токму кога бевме на средбата. Пунктот на кој се случи експлозијата е последниот контролен пункт кај палатата и се наоѓа на околу 300 метри од влезот во резиденцијата, изјави Дачиќ за „Блиц“.

Како што додаде, одеднаш се почнало да се тресе. Домаќините скокнале, а делегацијата на Србија продолжила да седи. Сомалиската делегација запрепастено го погледнала српскиот шеф на дипломатијата, кој едноставно продолжил со состанокот и со говорот.

Ние сме навикнати на тоа, бевме бомбардирани, рече Дачиќ, додека претседателот на Сомалија му кажал дека доколку имало некој од Западот тука, веднаш би избегал.

 

Заминавме од палатата по 45 минути, а Англичаните влегоа со панцири и шлемови, го опиша Дачиќ настанот.

Во терористичкиот напад, покрај цивили, биле повредени и двајца припадници на сомалиското собрание. Светски медиуми известија за овој настан.

Како што објави АП, во експлозијата во Могадиш, која ја изведоа терористите на Ал Шабаб поврзана со Ал Каеда, најмалку девет лица загинаа, вклучувајќи го и поранешниот сомалиски шеф на дипломатијата Хусеин Елаба Фахија, кој исто така беше советник на актуелниот претседател на Сомалија, а ранети се 13 војници.