Иако вчера беше дадена начелна согласност за заклучоците за проширувањето на ЕУ, денеска Чешка и Словачка оцениле дека овој текст не е задоволителен, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заклучоците на ЕУ за проширувањето со референцата за „погрешно толкување на историјата“ и долгата форма на името на Северна Македонија предизвикаа незадоволство во македонската јавност. Ова денеска, според повеќе дипломатски извори во Брисел, се рефлектира и кај земјите членки на ЕУ.
Германското претседателство се надеваше дека денеска овие заклучоци ќе можат да бидат усвоени формално од страна на Советот, но МИА дознава дека барем две земји негодуваат поради тоа што сметаат дека и се попушта премногу на Бугарија.
Имено, последниот предлог од германското претседателство, понудено пред два дена, го вклучува барањето на Бугарија да се додаде реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата“ во дел поврзан за Северна Македонија и Бугарија.
Ова барање до сега беше одбивано, а заклучоците за проширувањето се држеа во фиока додека траеја консултациите со Софија во однос на Северна Македонија.
Софија веќе ја блокираше преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија, а во заклучоците за проширувањето кон целиот Западен Балкан инсистираше да се додаде реченицата за „погрешно толкување на историјата“ за Северна Македонија и да не се користи краткото име на државата, туку само долгото, Република Северна Македонија.
Преговарачката рамка за Северна Македонија засега е замрзната додека не попушти Софија, но Германија смета дека се потребни и заклучоци за целиот регион, како што е обичај во декември секоја година.
И покрај увереноста на мнозинството дипломати во Брисел дека заклучоците ќе бидат усвоени во наредните 24 до 48 часа, денеска се чини дека пристигнало негодување од министерско ниво во Братислава и Прага, поради што не може да се усвојат заклучоците.
Според информациите на МИА, Словачка бара повеќе време за да се согласи, додека Чешка предлага да не се усвојат заклучоците.
Во овој момент е сосема нејасно кои се опциите на маса за земјите членки во однос на овие заклучоци. Германското претседателство има рок до 31 декември да изнајде решение
Comments are closed for this post.