На крајот на минатата година тогаш новиот бугарски премиер Кирил Петков со многу ентузијазам влезе во односите со Македонија. Новиот пристап кој го најави требаше отворените прашања да ги оставиме по страна.
Тој бараше да се подобри комуникацијата меѓу двете влади, меѓу бизнис секторот, граѓаните од двете страни и дури потоа да се решаваат проблемите.
Петков дојде во Скопје, Ковачевски отиде во Бугарија, се формираа работни групи за „се и сешто“ , се потпишуваа меморандуми па дури и се сликаа во новата линија Софија-Скопје иако на сите им е јасно дека таа нема да заживее.
Но, како што е редот сметката секогаш доаѓа на крајот. Пред неколку дена Петков ни објасни дека е добро тоа што почна соработка на сите полиња но оти за Македонија да почне преговори потребни се конкретни чекори.
Тој чекор се вика внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Тоа само за почеток. Останатите услови на Бугарија кои се однесуваат на јазикот, историјата и нацијата ќе треба да ги решаваме во текот на преговорите со ЕУ кои ќе траат десетина години.
Петков добро знае дека за ова да се случи е потребно двотретинско мнозинство во Собранието кое во моментов е тешко да се обезбеди ако се знае дека најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ би дала поддршка за барање само со гаранции од страна на Бугарија кои се однесуваат на заштитата на македонската посебност во однос на јазикот и народот.
Но, такви сигнали од Софија засега не доаѓаат.Напротив, ставот на Бугарија е дека доколку не се исполни ова нивно барање преговори нема да има. За ова поддршка имаат и од ЕУ.
Премиерот Ковачевски пак вели дека имало поединци кои сакале односите со Софија да ги направат полоши. Тој е задоволен што твориле нов процес на разговори, нов начин на комуникација кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите, туку и меѓу општествата во целина.
Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската Влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња, истакна премиерот.
Comments are closed for this post.