Македонското друштво „Илинден”-Тирана во реакција, како што наведува, остро ја осудува бугарската пропаганда меѓу Македонците во селата на областа Гора во Албанија и во Косово.
Исто така, изразува и жалење затоа што „официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда” меѓу Македонците во областа, обидувајќи се да ги претстави како „Бугари“.
– Македонско друштво „Илинден”-Тирана, секогаш се залага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ. Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и измами за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци, стои во соопштението.
Се додава дека цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари.
Според друштвото, бидејќи „сето ова го работи една земја членка на Европската Унија пред очите на сите европски држави”, Македонците бараат помош од владите на Албанија и Косово.
– Македонците во Република Албанија никогаш не биле ниту своеволно би биле „Бугари“! Македонско друштво „Илинден”-Тирана апелира владата на Република Косово да преземе сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство. Го потсетуваме бугарското раководство дека македонската нација е историски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме – Македонци, се посочува во соопштението на друштвото „Илинден”, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.
Во областа Гора во Косово има 18 села, додека во Албанија 10 села сите населени со Македонци, наречени Горанци
Comments are closed for this post.