Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија е посветена на мирот и стабилноста и дека „ќе победи мирот, а не Курти“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Она што Албин Курти го гледа како закана се нашите постојани повици за мир и стабилност, отворен и искрен дијалог, почитување и целосно спроведување на сите договори постигнати во досегашниот дијалог меѓу Белград и Приштина. Србија е посветена на мирот и стабилноста. Србија ги почитува сите потпишани договори: Бриселскиот договор, Вашингтонскиот договор, но и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Повелбата на ОН, изјави Брнабиќ.
Од друга страна, како што наведе српската премиерка, вредностите на Курти се: „Договорот од Брисел не постои; Вашингтонскиот договор не е валиден; Резолуцијата 1244 е воена закана за Приштина; човековите права и владеењето на правото за него значат забрана на гласачкото право на Србите, конфискација на имот и секојдневни закани со брутална сила“.
Брнабиќ рече дека „Курти иако изјави дека не сака конфликт, туку дијалог и мир, факт е дека сега сите, дури и оние кои најсилно го поддржаа од ЕУ и САД, гледаат за што навистина тој се залага и кои се неговите вредности, а тоа не се мирот и стабилноста“.
– Уште еднаш, и покрај неодговорното однесување на Курти и воинствената политика, повикуваме на смиреност и уште повеќе трпение. Сите протести треба да бидат мирни и демократски. Мораме да го заштитиме најважното за сите, а тоа е мирот. Мирот ќе победи, а не Курти, заклучи Брнабиќ.
Comments are closed for this post.