Српскиот претседател, Александар Вучиќ се врати во Косовска Митровица, откако косовската полиција не му дозволи да го продолжи патот кон село Бање каде  требаше да им се обрти на селаните.

Тој на жителите на Бање им се обрати по телефон, а тие го слушаа на селскиот разглас.

Не можам да дојдам, а уште помалку да ги ризикувам вашите животи. Жал ми е што не можам да дојдам, но тоа е така бидејќи тоа не го сакаат локалните власти, рече Вучиќ.

Вучиќ се врати во Косовска Митровица каде одржа говор на митинг на централниот градски плоштад.

 

Како што јави РТС во селото Трнава се слушнале и истрели. На информациите на РТС се повикуваат и светските новински агенции, а според истите по истрелите во селото Трнава, полицијата ја запрела колоната на Вучиќ на пат кон селото Бање. Патот од Трнава кон Бање е рутата по која српскиот претседател Александар Вучиќ требаше денеска да помине, но патот бил блокиран од демонстранти и со неколку камиони. Демонстраните носеле транспаренти против посетата на Вучиќ на Косово.

Српскиот претседател во врска со истрелите изјави дека „работите треба да се решаваат со зборови и ум, а не со оружје”, јави РТС.

Тој за РТС изјави дека се откажал од посетата на Бање бидејќи не сакал да ги загрозува тамошните Срби.

Не сакам пушки, иако не сум посебно уплашен, но никогаш нема народот да го повикувам на оружје, кажа претседателот на Србија.

Тој на Србите во Бање им кажа дека косовската влада не сакала тој да ги посети.

Жал ми е што не можев да дојдам бидејќи тоа не го сакаа приштинските власти, им кажа Вучиќ на жителите на Бање кои околу 300 се собраа во центарот на селото очекувајќи го неговото пристигнување.

И косовските медиуми известуваат за блокадите, истакнувајќи дека биле поставени уште синоќа, пред доаѓањето на српскиот претседател во селото јужно од Ибар.

На патиштата има камиони, поставени се барикади од стебла и запалени гуми, а има и транспаренти „Вучиќ нема да помине” и „Вучиќ врати се”.

Посетата на Вучиќ на Бање беше најавена за 10 часот, а премиерот на Косово Рамуш Харадинај ја повлече претходната владина дозвола за посетата на Вучиќ, па полицијата го сопре српскиот претседател на пат кон селото.

Српскиот претседател денес во Косовска Митровица му оддаде почит на неодамна убиениот лидер на Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда Оливер Ивановиќ.

Вучиќ од местото на убиството на Ивановиќ, во улицата Сутјеска, порача дека нема да дозволи „изживување врз српскиот народ”.

 

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави денеска Војската на Србија ќе ја почитува одлуката на претседателот и врховен командант и се што тој ќе нареди ќе биде спроведено.

Претседателот е врховен командант на Војската на Србија и се што ќе рече тој ќе биде спроведено. Може да нареди употреба на војска и тоа ќе биде спроведено. Он е тој што ќе одлучи за тоа. Ако треба да се заштити неговата безбедност или да помине до место каде што сака, тоа ќе биде обезбедено, рече Вулин.