Обединетите нации наложија Босна и Херцеговина да исплати обесштетување на жена силувана во војната и да воспостави систем за плаќање обесштетување на жртвите од воени злосторства, одлучи Комитетот против тортура на ОН, по тужбата од силуваната жена која не добила паричен надоместок, и покрај пресудата на судот на БиХ.
Жената, чиј идентитет не е познат, била силувана во 1993 година во близина на Сараево. Силувачот е осуден, но не платил 15.000 евра отштета, бидејќи ги немал тие средства.
Одлуката на Комитетот е донесена на почетокот на август, но сè уште не е објавена. Според неа, државата мора да ја плати сумата и да воспостави правила за да можат и другите жртви во слични случаи да добијат надомест од државата. Жртвата ја поднела жалбата со помош на невладина организација која им помага на жртвите на сексуално насилство.
Според проценките на ОН, најмалку 20.000 жени се силувани во војната во Босна и Херцеговина.
Медиумите пренесуваат дека станува збор за одлука без преседан, со која би се дозволило на сите жртви на сексуално насилство да бараат надомест на глобално ниво според меѓународниот закон за тортура.
Comments are closed for this post.