Босна и Херцеговина ќе се вклучи во процесот на истражување и искористување на вселената, Месечината и другите вселенски тела. Оваа одлука ја донесе Советот на министри, од каде што го утврдија предлогот за пристапување на БиХ во Договорот за начелата со кои се уредува делувањето на земјите во истражувањето и користењето на вселената, пишува весникот „Аваз“.
Како што соопштија од Советот, со прифаќањето на тој договор, БиХ искажува подготвеност за соработка со другите земји потписнички. Нацртот за оваа одлука, до Советот на министри го поднело министерството за сообраќај и комунукации, а како што се наведува во документот, предлогот за потпишување стигнал во 2017 година преку амбасадата на Австрија.
Прифаќањето на одлуката и членството нема да бараат какви било финансии од БиХ затоа што финансирањето доаѓа од Обединетите Нации, а младите научници од БиХ, преку стипендии, ќе може да учествуваат на симпозиуми што ги организираат ОН во оваа област.
Како што, понатаму, се наведува во предлогот, сите земји имаат право да станат потписнички и имаат еднакви права да учествуваат во истражувањето и експериментирањето во вселената, но притоа се забранува отворање воени бази таму.
Со ратификацијата на договорот би се дал сигнал до приватниот сектор и образовните институции дека БиХ долгорочно сака да учествува во развојит на вселенската технологија – се наведува во прдлогот.
На крајот се истакнува дека инструментите на ратификацијата се депонираат кај владите на Русија, Обединетото Кралство и САД, коишто, со овој договор се одредени за депозитари. Овие влади, веднаш откако БиХ го потпише договорот, ќе ги известат другите земји потписнички, пишува „Аваз“.
Comments are closed for this post.