Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, преку Фејсбук порача дека 30 јуни ќе биде денот на политички погреб на премиерот и лидер на владејачките социјалисти Еди Рама.
Осврнувајќи се на следниот, деветти по ред, „национален протест“ на обединетата албанска опозицијата закажан за в петок 21 јуни во 20:00 часот, Баша оцени дека „сега е време за Албанија на сите Албанци.
30 јуни ќе биде политички погреб на Еди Рама, другарот на кланот Авдулај и криминалните банди. Албанците се дигнаа во национална битка за Албанија, како и цела Европа. Сега е време за Албанија на сите Албанци! Ниту чекор назад, напиша Баша на Фејсбук.
За 30 јуни се закажани локалните избори во Албанија, кои опозицијата ги бојкотира. Минатата недела, албанскиот претседател Илир Мета ги одложи изборите, но владејачката коалиција не ја признава оваа одлука и започна постапка за негово отповикување.
Во исто време, претседателката на втората по големина опозициска партија, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемеди му се обрати на премиерот Рама, барајќи од него да им објасни на Албанците како државата ја ставил во служба на криминалот.
Во објава на Фејсбук, Круемади вели дека Рама ја однел албанската држава во состојба идентична како Чикаго во 20-те години на минатиот век. Според неа, Рама ги раскарува Албанците.
Рама пак продолжува со изборните митинзи од каде порачува дека локалните избори нема ниту најмала можност да се одложат. Според него, освен „политичко самоубиство опозицијата нема шанси да ги попречи изборите“
Comments are closed for this post.