Регионот на Западен Балкан во изминатите неколку години забележа напредок и има позитивна економска перспектива, но треба да поминат пет децении за да го достигне германскиот животен стандард и осум децении да ја достигне Германија, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брег.
Главна тема на состанокот, што во Брисел го организираше Советот во соработка со Канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт, беше одржливиот економски раст и развојот на Западен Балкан.
На состанокот присуствуваа голем број претставници на европски институции, дипломатски мисии, аналитички центри, невладини и бизнис организации.
Причина за загриженост во целиот регион, како што е наведено, и натаму е сиромаштијата, нееднаквоста, одливот на високо образована работна сила, родовата нееднаквост и вработувањето.
– Лидерите од Западен Балкан треба да се ангажираат да работат на јакнење на регионалната соработка. Треба да бидат активни учесници во планирањето на заедничката иднина на Европа во регионот, рече Брег.
На состанокот во Брисел станало збор за користењето директни странски инвестиции, потребата за развој на национални и регионални политики, како и потребата за ревизија на инструменти за монетарна и фискална политика.
Заклучено е дека јасно и често информирање на граѓаните од Западен Балкан за придобивките од отворен пазар и општество, како и поддршка на потенцијалите за интеграција во регионот, стануваат се поважни за добивање дополнителна поддршка, се наведува во соопштението.
Comments are closed for this post.