Албанскиот Парламент ја изгласа Резолуцијата предложена од пратениците од владејачкото мнозинство против одлуката на претседателот Илир Мета за одложување на изборите, што претставува прв чекор кон негово разрешување, јави дописничката на МИА од Тирана.

Од присутните пратеници во собраниската сала „за“ резолуцијата се изјаснија 100 пратеници, 7 беа против, двајца воздржани и еден пратеник не гласаше.

Бројот на гласови што ја подржаа резолуцијата, изненади многумина, кои беа сигурни дека пратениците од новата опозиција нема да гласаат, што го навестуваа и во нивните дискусии.

Гласањето следуваше по повеќечасовна дебата во која учествуваше и премиерот Еди Рама, кој рече дека одлуката на Мета да ги одложи локалните избори закажани за 30 јуни не може да се толерира. Според Рама, со оваа одлука Мета ги надминал сите уставни надлежности како шеф на државата.

Инаку, во усвоениот документ, меѓу другото, стои дека албанскиот Парламент уредбата на претседателот Мета за одлагање на локалните избори ја смета за „апсолутно неважечки чин, донесен вон уставните и законските овластувања на институцијата претседател и како таков се смета за ништовен и како никогаш да не постоел“.

Исто така се искажува целосна поддршка на одлуката на Централната изборна комисија за продолжување на изборниот процес.

Разолуцијата, според Уставот, треба да биде доставена до Уставниот суд, кој треба да одлучи дали ќе го разреши или не шефот на државата.

Оваа највисока судска инстанца не функционира повеќе од една година. Во моментот има само еден судија и тој со завршен мандат, другите осум беа разрешени откако не помина во процесот ветинг, односно неможност да го оправдаат потеклото на имотот.

И доколку се направи итен обид за негово профункцонирање тоа не може, зашто тројца од членовите ги предлага Претседателот на државата, тројца Врховнот суд, кој исто така не функционира, и тројца Парламентот.

Кои чекори ќе ги преземе владејачкото мнозинство се уште не е познато, но категорично тврди дека избори на 30 јуни ќе има. Опозицијата, пак, најави уште помасовни и посилни протести и дека нема преговори со Рама.