Обединетата албанска опозиција најави дека големиот национален протест закажан за 25 мај ќе биде „долготраен протест“.
Членот на Националниот совет на Демократската партија, Александер Биберај, гостувајќи во емисијата „Темпора“ на тиранската телевизија Ора њуз, уште додаде дека протестите ќе има низ целата територија на земјата.
Протестот на 25 мај ќе биде најголемиот протест што некогаш го видела Албанија. Ќе има многу форми на протести. Ќе биде долготраен протест. Од 25-ти мај протести ќе има непрекинато до 30-ти јуни и ќе се прошират низ цела Албанија. Ќе протестираат сите целни групи, сите опозиционери. Премиерот нема друга алтернатива“,рече Биберај.
На 30 јуни во земјата ќе бидат спроведени локални избори,кои опозицијата ги бојкотира и се закани дека изборниот ден ќе го блокира.
Биберај нагласи дека избори со една страна не може да има и оти е убеден дека дури и меѓународните претставници ќе го сменат своето мислење за ова прашање.
Секој во светот знае дека не може да има избори само со една страна, бидејќи одиме во монизам. И денес, половина од локалните единици имаат речиси еден кандидат за градоначалник. Секому му е јасно. Ставот на меѓународните претставници често е многу коњуктурален став. Познато е дека тие работат со владата. Ние ги знаеме овие ставови затоа што работевме со меѓународниот фактор, но нивниот став ќе се смени. Опозицијата има право да протестира и да ја реализира својата цел преку протести“,посочи Биберај.
Најавувајќи го шестиот „национален протест“ за 25 мај, лидерот на демократите,Љуљзим Баша,деновиве рече дека продолжуваат со соочувањето, без враќање, со слугите на владеjачката криминална хунта, со „големите протести против криминалната Влада и балканскиот Мадуро“, како што го нарекува актуелнот премиер Еди Рама.
Comments are closed for this post.