Се планира целосна реконструкција на регионалниот пат Валандово – Струмица. Се работи за пат што оди преку Валандовско Брдо. А имајќи предвид дека теренот е комплициран, ние утврдивме дека патот е оштетен. Тоа е магистрален пат што спојува две општини, Струмица со Валандово – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Валандово. 

– Имајќи предвид дека постојниот пат е во лоша состојба, екипи на Јавното претпријатие за државни патишта направија увид и ја снимија состојбата. Направивме проект и очекуваме најбргу што може да излезе повикот од Јавното претпријатие за државни патишта, со кој треба да се избере изведувач што ќе направи целосна реконструкција на овој пат. Значи, планираме целосна реконструкција на патот што води од Струмица до Валандово – рече Николоски.

Во однос на тоа дали се планира нешто за патот до Дојран, тој посочи дека веќе е пуштен еден патен правец, кој оди од Богданци, од Понов мост до Гевгелија.

– И сега имаме планови да продолжиме кон Дојран, така што очекувам в година и тоа да го работиме – истакна Николоски.

По средбата со градоначалникот на општина Валандово, Ѓоко Камчев, рече дека Владата се грижи за секое населено место и ниедно не е заборавено, од најголемото до најмалото.

Николоски потсети дека Владата има предвидено директна финансиска поддршка, речиси 100 милиони денари за општината, од кои 65 милиони денари се директно од буџетот на Министерството за транспорт и дополнителни 35 милиони денари преку двата повици што ги имаше Владата. 

– Само преку овие 65 милиони денари од Министерството за транспорт реализираме навистина голем проект, а тоа е асфалтирање улици. Во село Собри од 650 метри, во село Пирава од 580 метри, во село Брајковци од 774 метри, во село Раброво во должина од 1.230 метри и во село Марвинци, каде што сме сега, најдолгата, во должина од 1.560 метри, што сериозно треба да придонесе за подобрување на условите за живеење на жителите на сите овие населени места – истакна Николоски.

Тој додаде дека имајќи предвид дека овие населени места се во близина на Коридорот 10, на автопатот што води од Куманово, Скопје, Гевгелија до Солун и Атина, се работи за најживиот и економски најзначаен автопат, ова ќе значи можност и за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места.

Николоски рече дека со градоначалникот веќе зборувале за поголема презентација на Исарот, познатиот Исар Марвинци, кој може да стане сериозна туристичка атракција.

– Ако на тоа се додадат и мерките за поддршка на земјоделството што ги прави Владата, во комбинирана поддршка на развојот на инфраструктурата и развојот на земјоделството, мислам дека многу можеме да направиме во следниот период – истакна Николоски при посетата на Валандово.