„Горен Милановац“ е град во Србија. Се наоѓа некаде на средината, помеѓу Чачак и Крагујевац, во Шумадија. Според пописот од 2011 година, таму живеат 24.216 жители и е општина позната по тоа што, за разлика од други места, постојано го зголемува бројот на жители.

Пазарот, пак, кој им се вика Зелена пијаца, се наоѓа во централниот дел на градот, на улица Железничка бб, и е главно место за снабдување со свежи земјоделски и домашни производи во овој регион. Така пишува на „Википедија“, а во Македонија богами сме сведоци дека е навистина „главно место“, затоа и ни е место на неделата:

Пазарот во Горњи Милановац

или како тезгите на едно мало гратче во Србија станаа македонското „Ел Дорадо“, каде што со продавање бостан се заработуваат милиони евра, се градат четирикатни куќи и/или се кријат стотици илјади евра во ѕидови.

Донка Ристова е мајка на апелациониот судија Ѓоко Ристов, против кого во Кривичниот суд во Скопје се води судска постапка за пронајдени 350.000 евра скриени зад ѕидни плочки во семејната куќа во Неготино.

Но, на вчерашното судско рочиште, Ристова сведочеше дека тие пари не се на синот од мито, туку се нејзини и на сопругот и дека од 1975 година, кога била направена куќата, парите што им останувале ги пикале во ѕидот.

Цел живот биле печалени тие пари. Ќе продадеме стока, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, грозје… , рече таа.

Раскажа дека секој ден одела на пазар и со камиони носела дури и по два тона роба на пазарот во Горњи Милановац. Се занимавала и со плетење. Сигурно и тој бизнис ѝ одел таму горе, постудено е од тука. Што пазар ќе беше тоа…

Дека Зелена пијаца is the place to be, македонската јавност знае уште од нашиот најпознат пазарџија – Зоран Заев. (Со тоа што тој не продаваше само лубеници, продаде и нешто многу поголемо, нели)

Пред 5-6 години, кога уште ја имавме несреќата да ни е премиер, за српски „Курир“ тој раскажа како неговото име е поврзано со Србија и популарниот пазар.

Струмица е најпозната, најголем производител на домати, пиперки, краставици, лубеници, зелка … Секое струмичко село имаше по еден град во Србија каде што луѓето традиционално ги продаваа тие производи. Муртино беше доминантен во Горњи Милановац. Едно лето бев на Калениќ во Белград, но традицијата е традиција, се вратив во Горњи Милановац. Околу пет-шест години одев на тој пазар со дедо ми и чичковците, а понекогаш и сам. Таму заработивме добро. Од тримесечна работа на пазарот во Горњи Милановац – јуни, јули и август – изградивме куќа на четири ката. Тогаш и парите и работата вредеа. Целото наше богатство започна од земјоделството. Во тоа време, беа потребни повеќе од десет часа да се патува до Горњи Милановац. Во камионот, под катран, стоката и ти. Но, проблемот беше во камионите со лубеница. Не можете да седите или да лежите на лубеници. Кога беа краставици или домати, во ред беше затоа што може да ставите нешто помеѓу гајбите да седат и да спијат. И тогаш не се движите во камион со лубеници, туку чекате да натоварат краставица, домат, па ќе продолжите. Тоа никогаш не може да се заборави, раскажува Заев.

Па дури и го крстиле Зоран по „еден Зоран од Горњи Милановац“.

Тој беше толку добар пријател на чичко ми Душко, што ме нарекоа по него, вели Заев во интервјуто.

Тука раскажа и за Јелена.

Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Убава Јелена. Ја запознав едно лето додека продаваше лубеници, пиперки, домати и краставици на пазарот во тоа место.

И додека Ристова штедела за стари години и удобен живот, нашиот пазарџија денес освојува нови пазари. Наводно, градел кула од 82 ката во Дубаи, вредна над 600 милиони евра. Така велат очевидци, но тој засега демантира и вели не е така.

Познавајќи го, за некоја година ќе читаме интервју во Gulf News или Khaleej Times како од продавање на една Македонија стигнал до ова што е денес. Што пазар ќе беше…

Подготви: М.М.