Две години работа, две години резултати, една љубов – Македонија. Со ова мото Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија продолжува со директните средби со граѓаните и отчетот за преземената одговорност во Владата и Собранието, се вели во соопштението од ЗНАМ; кое МИА го објавува интегрално. 

Пред граѓаните во Велес, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека политиката мора да биде во функција на државата и интересот на граѓаните, а не борба за позиции.

„Не влеговме во Владата за фотелји. Влеговме затоа што веруваме дека Македонија може да биде подобро место за живеење и дека државата мора да се гради со работа, морал, одговорност и резултати.“ истакна Димитриевски.

Тој нагласи дека отчетноста не смее да биде само политичка фраза, туку обврска на секој што ја добил довербата од граѓаните. „Ние не се криеме зад партиски фрази и дневнополитички партиски соопштенија. Она што сме го направиле ќе го покажеме. Она што не сме го направиле ќе го кажеме. А она што останува пред нас ќе го завршиме. Македонија нема време за уште едни изгубени години“ порача претседателот на ЗНАМ.

ЗНАМ е единствената политичка партија во Македонија која по две години пред граѓаните излегува со конкретен отчет за својата работа и резултатите што ги постигнала, без коруптивни скандали, афери и лични интереси зад себе. Со тоа покажуваме дека политиката може да се води поинаку, со работа, одговорност и чесност.

На панел-дискусијата свое излагање за постигнатото во изминатите две години имаа и потпретседателот на ЗНАМ и пратеник, Павле Арсоски, кој се осврна на работата на Собранието и законските решенија, како и потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој говореше за мерките и политиките кои се спроведени за македонското земјоделство и домашното производство на храна.

Димитриевски порача дека за функционерите на ЗНАМ во Владата претстои уште многу работа, но и дека ЗНАМ ќе продолжи да биде политичка сила која ќе поддржи се што е добро за државата, но и ќе биде коректор, и ќе предлага нови сопствени решенија. Исто така ЗНАМ ќе биде отворена и за критики, сугестии и мислења од граѓаните. Затоа што ЗНАМ е формирана од
граѓаните за граѓаните. За ЗНАМ Македонија е вредност, обврска и наша заедничка иднина.