Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Советот на Град Скопје, не се согласува и едногласно ги отфрла предлозите за нови имиња на улици на Градот Скопје. Ниту во еден момент во постапката не гласаше и нема да гласа да го поддржи менувањето на имињата на скопските улици. Шилегов кој себеси се нарекува градоначалник на Скопје, буквално и брутално почна да го одродува градот. Со иницијативата за промена на имињата на улиците во Град Скопје, Шилегов го фрла во заборав Борис Трајковски, ја миноризира неговата улога во македонската држава, а наместо тоа става имиња на улици како УРС-ови синдикати (уједињени раднички синдикати во времето на кралство Југославија), или Суец, или Украина, изјави денеска за медиумите, Јелена Жугиќ советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

– Со должна почит кон наведените, но, кога станува збор за главен град на држава, предимство во обележје и почест се дава на луѓето, на датумите и местата кои се значајни и врзани за градот односно државата, а потоа на настани, градови и држави кои се пријателски врзани со Скопје и Македонија. Петре Шилегов во Скопје ќе именува улица по познатиот комунист Лав Троцки, а ќе го преименува булеварот Киро Глигоров, во булевар Војводина, вели таа.

Жугиќ посочи дека Петре Шилегов покажува целосно непочитување кон ликот и делото на двајцата македонски претседатели чии што лични заложби за мирот и безбедноста се втемелени во македонската држава и историја.

– Улиците кои ги носат имињата на почитуваните Трајковски и Глигогоров ќе ги преименува, а при тоа ќе именува улица по Алија Изетбеговиќ, поранешен претседател на БиХ, современик на Глигоров и Трајковски. Дали некому овој апсурд му звучи логично и издржано?!? Кога ќе се прочитаат поголемиот дел од новите имиња за скопските улици по планот на Шилегов, скопјани добиваат чувство како да се во Москва и тоа некаде во период од 50-тите, 60-тите години од минатиот век. Скопските улици ќе добијат имиња, Ленин, Комаров, Троцки и имиња на други видни комунисти и автократи, на сметка на македонските дејци, херои, уметници, писатели и научници, истакна таа.

– Оваа рашамонијада која Шилегов ја прави не му оди во полза ниту на Скопје и скопјани, ниту на Македонија, а најмалку на демократијата за која „силно се залагаат”, оти демократи и Октомвриска револуција баш и не соодвествува многу.
На крајот почитувани граѓани, се наметнува едно логично прашање – дали и со бришењето на имињата на скопските улици, оваа локална власт се обидува да ја замачка македонската историја и сеќавањата на ликот и делата на личностите кои дале личен придонес во градењето на македонската држава, прашува Жугиќ.