Денеска сме тука, на Кајмакчалан, зашто никогаш нема да ги заборавиме бугарските чеда, кои загинаа за Мајка Бугарија.

Ова во септември минатата година го изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов на врвот Кајмакчалан каде што присуствуваше на церемонија во знак на сеќавање на „загинатите бугарски војници“ во тој дел на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.

Во својот говор тој, меѓу другото, рече:

Се воспоставува една убава традиција. Во деновите кога се воделе големите и страшни судири на врвот Кајмакчалан, ние да доаѓаме тука и да оддаваме почит на оние над 3.200 бугарски војници, офицери, подофицери, кои загинаа на бојното поле. На овој врв и во околните месности Бугарската армија 40 дена водела борби. Загинале 3.200 бугарски војници. Против неколку дивизии војувал еден бугарски полк и три дружини. Покажале чудесна храброст, но и ги оставаат коските на овој гол врв заштитувајќи ја својата кауза.

Ние им оддаваме почит на тие луѓе, зашто го заслужуваат тоа. Тие дошле тука за да војуваат за Бугарија.

Ако говориме за пред 100-102 години, денес ние сме тука благодарение и на нашите пријатели од НАТО и ЕУ-Грција, имаме добар дијалог и се поблиски односи, за што сакам да им се заблагодарам на нашите домаќини, на министерот за национална одбрана на Грција, на грчкото Министерство за надворешни работи. Ние сме тука за да одадеме почит на бугарските војнци, кои се пред се луѓе и христијани. А, како луѓе и христијани загинати за една кауза, тие заслужуваат да запалиме свеќа и да се помолиме за нивните души. Заслужуваат и еден ден нивните гробови да бидат обновени.

Мислам дека во новото време во кое живееме, оваа традиција започната пред две години ќе продолжи и во иднина, така што еден ден заедно да изградиме еден скромен споменик на тие војници, кои загинале на овој врв. Зашто, над сите нив е Господ.

Сето ова, нормално, го проследија и бугарските медиуми. Клучното прашање е што тогаш чествувал бугарскиот министер за одбрана? Загинувањето на војниците на бугарската војска, која се нашла на губитничката страна во Првата светска страна и доживеала ПОРАЗ! А, друго прашање е што во нејзините редови имало и Македонци. И не случајно, на пример, во бугарските списоци за помош по завршувањето на војната не се водела евиденција за националната или етничката припадност на лицата на кои им се доделува, туку во графата „Каде војувал“ стои името на државата во чија војска и редови се наоѓале тие.

Зошто Каракачанов може да чествува ПОРАЗ, а не наводно ПРЕДАВСТВО на бугарските комунисти и македонската емиграција во Софија? И дали воопшто може да се именува како предавство спроведувањето во дело на последната желба на Гоце Делчев да биде погребан во слободна Македонија за која се борел? Се разбира, сето ова во името на вистинската и искрена желба за добрососедство. И што ако утре, да речеме, Македонија и Бугарија, а зошто не и Грција, навистина одлучат заеднички да изградат споменик на Кајмакчалан? Што сите тогаш ќе чествуваат и во чие име?

Токму на 15 ноември минатата година премиерот Зоран Заев престојуваше во посета на Софија каде имаше средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Наспроти сегашните преписки за поединечно македонско „зреење“ и „заедничко зреење“, тогаш националната БТА, меѓу другото, објави дека премиерот Заев изјавил оти Република Македонија ќе го обнови споменикот на полковникот Константин Каварналиев, што бил урнат во 1966 година во акција  за уништување на бугарски воени споменици во Југославија, и оти ќе се обнови и плочата на загинатите стотици бугарски офицери и војници во битката во 1916 година на Кајмакчалан за време на Првата светска војна. Меѓутоа, ова никогаш не беше уште еднаш споменато, посебно не од македонска страна.