Никола Груевски, поранешниот македонски премиер осуден на двегодишна затворска казна, добил азил во Унгарија, објави „Маѓар идок“ (Унгарско време).

„Има толку многу тешки нерегуларности, што тие достигнале ниво на прогон“, се вели во одговорот на унгарската Канцеларија за имиграција и азил, пренесува медиумот.

Пресинг ТВ кое ја контактираше телефонски Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта но од таму ниту ни беше потврдено, ниту демантирано дека е донесена таква одлука.

„Вакви инфрмации според нашиот протокол не даваме по телефон. Треба да се обратите писмено до Канцеларијата и во догледно време ние ќе ви одговориме“, ни рече вработен во Канцеларијата.

Унгарскиот медиум, повикувајќи се на свои извори од Канцеларијата, тврди дека Груевски добил статус на азилант. Таквата одлука е донесена по детална истрага на апликацијата. Канцеларијата за имиграција и азил заклучила дека властите во Македонија не можат да го гарантираат животот на Груевски.

„Канцеларијата за имиграција заклучила дека доколку Груевски се врати во земјата ќе биде цел на прогон од власта заради неговото политичко минато и ставовите за новата власт, пишува „Маѓар идок“.

Според информациите кои ги има медиумот, Груевски добил азил затоа што по десет години на чело на влада тој станал цел на многу криминалци кои биле осудени на затворски казни, а тие само чекаат момент да го убијат. Тој според повеќе информации е цел на меѓународна потера по него.

Унгарските власти ги прифатиле наводите на Груевски во апликацијата за азил и заклучиле дека неговата изјава се прифаќа и соодветствува со Актот за азил.

Конечно, таа институција заклучила дека судската постапка кон Груевски не се водела правично и оти тој бил дискриминиран, и притоа се истакнува дека судствотто не било независно спрема него.