Поранешниот вицепремиер иминистер за финансии Зоран Ставрески за првпат се јавува како обвинет од СЈО. Според СЈО, тој и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски, со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000,00 денари, односно близу 33 милиони евра, и во истиот износ нанеле штета на Буџетот на РМ.

Ставрески и Јанакиески како што велат од обвинителството биле овластени претставници за спроведување на Меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.

Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто. Меѓутоа, претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која гасоводна делница е подолга за речиси 36 км во однос на претходно споменатиот договор за делницата „Клечовце – Блок станица 5“.

Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва, се вели во соопштенито од обвинителството.

На затворена владина седница како што истакнуваат од СЈО, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626,37 евра (за еден километар гасовод).

Во насока на склучување на договорот, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“ ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија, истакнуваат од обвинителството со кое раководи Катица Јанева.

Со ова, сметаат обвинителите, постои основано сомнение дека осомничените Зоран Ставревски и Миле Јанакиески сториле по едно кривично дело Злопупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со став 3 и 1 в.в член 22 од КЗ на РМ, а осомничениот Крсте Миладинов сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4, 3 и 1 в.в. со член 22 на РМ.

Со една реченица РМ фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал “ подарок “ за Русија, велат од СЈО.