Управата за безбедност и контраразузнавање ја „завршува“ својата мисија и од јуни идната година на сцена стапува новата Агенција за внатрешно разузнавање. МВР го објави предлог-законот со кој се реформира досегашната Управа, која ќе се преименува во Агенција и ќе треба да почне да функционира од јуни идната година.
Агенцијата за внатрешно разузнавање нема веќе да биде дел од МВР, туку ќе биде во надлежност на Владата. Нејзиното основање е дел од моделот реформи на безбедносно-разузнавачкиот ситем на Република Македонија, заради „заштита на националната безбедност на државата, независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата“.
Во предлог-законот се пропишува дека Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата: шпионажа, тероризам и негово финансирање, екстремизам и други насилни активности, организиран криминал насочен против државата, незаконито производство и пролиферација на оружје за масовно уништување или нивни компоненти, како и материјали и уреди кои се потребни за нивно производство, нарушување на виталните економски интереси и финансиската безбедност на државата, нарушување на безбедноста на носители на високи државни функции, како и на објекти што се од стратешко значење за државата и откривање и спречување на други можни активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата.
Изборот на директор на Агенцијата ќе го врши Владата, а селекцијата на сега вработените во УБК, кои ќе бидат преземени ќе ја врши посебна владина комисија.
Comments are closed for this post.