Министерот Горан Сугарески да го повлече Законот за урбанистичко планирање на доусовршување и доработка, бидејќи за него се поднесени 235 амандмани од кои повеќето се од пратениците на мнозинството. А, ваков каков што е предложен, тој ќе биде во полза само на урбаната мафија.

Ова денеска на Комисијата за транспорт и врски во Собранието на Република Македонија го побара пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска.

Според неа, можноста Владата да изработува Детални урбанистички планови е надвор од секоја логика, а непринципиелно е и да се донесе закон каде не се почитуваат начелата врз кои што истиот се потпира. Таа додаде дека е преседан Генерален урбанистички план да се носи без јавна расправа и без анкета, уште повеќе што постои и неусогласеност на законското решение со други законски решенија. Ваквиот закон, според неа, наместо проактивен, ќе биде кочничар при неговото имплементирање во процесот на урбанизирање и планирање на просторот.

Ако законското решение треба да претрпи промени во 30% од неговата материја,  тогаш истото треба да се повлече и да се изработи друго. Во овој случај, преку амандманите материјата трпи промена од 90%. Вие правите преседан, што во урбанизмот и градежништвото ќе донесе хаос. Ќе има вакум простор, бидејќи нема закон за просторно планирање. Урбаната мафија ќе цвета во Република Македонија. Повлечете го законот и ќе се формираат групи за заеднички да го усогласиме законот, додаде Затуроска.

Министерот Горан Сугаревски одби да го повлече законот и предложи амандмански да се реагира на содржината преку работни групи. На овој предлог се надоврза и пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска која што е дел од владеачкото мнозинство и рече дека амандмански е невозможно да се подобри законот и се приклучи кон барањата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, законот да биде повлечен.