Струга, оваа среда по 58. пат, ќе стане сцена на една од најголемите и најпрочуени културни манифестации во земјата, но и пошироко – поетскиот фестивал Струшките вечери на поезијата.

Триесет и два странски и 30 домашни поети ќе учествуваат во годинешното издание, а програмата на фестивалот има 52 настана, а покрај Струга како град домаќин, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и во Скопје.

Една од новините во фестивалската содржина, за која организаторите сметаат дека ќе стане значителен белег на светски познатиот фестивал, е „Поетската порака“. Автор на годинешната „Поетска порака“, која ќе биде прочитана на церемонијата на отворањето на фестивалот, е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Покрај ова, фестивалот Струшките вечери на поезијата, годинава, во своето 58. издание, ќе им понуди на учесниците и на публиката уште неколку новитети. Најпрвин фестивалот ќе стане четиријазичен – покрај на македонски и англиски, главните читања на фестивалот ќе бидат и на албански и француски јазик.

Повеќето од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот канал на „Јутјуб“. За главните фестивалски настани – гала-отворањето и за затворањето на фестивалот – ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правца: Скопје -Кичево – Струга и Скопје – Велес – Битола – Струга, а по завршувањето на настанот, ќе има враќање истата вечер.

Како новитет Струшките вечери на поезијата годинава преку повикот за волонтери отвори можност за млади луѓе, вљубеници во пишаниот збор, да се ангажираат во логистичкиот дел на фестивалот и да добијат можност да се запознаат и да се дружат со врвни поетски имиња.

Фестивалските настани почнуваат в среда, 21 август 2019 година, во 10 часот, со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана. Потоа, во 12.30 часот во конгресната сала на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со лауреатката Бландијана.

Гала-отворањето на Струшките вечери на поезијата 2019 ќе почне во 20.30 часот на платото пред Центарот за култура. Половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.

Програмата, следниот ден, 22 август 2019 година, ќе продолжи во 10 часот во хотелот „Дрим“ со портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година.

Целата програма на фестивалот може да се види тука.