Според последното истражување на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кој е кооснован од ЕУ, поддршката за пристапување на Македонија во ЕУ е падната на 53 отсто. Ова е најлош резултат до сега, зашто поддршката за членство во ЕУ во Македонија секогаш била над 70 отсто.

На прашањето, дали мислите дека членството во ЕУ ќе биде добра работа, лоша работа или ниту добра, ниту лоша работа за вашата економија, 53 отсто од испитаниците од Македонија одговориле дека ќе биде добра работа, 33 отсто дека ќе биде ниту добра, ниту лоша работа, а 11 отсто дека ќе биде лоша работа.

Граѓаните на Косово и Албанија се најголеми оптимисти, со 91 отсто и 84 отсто од испитаниците кои гледаат позитивно на членството во ЕУ. Србија останува единствената земја каде што помалку од половината (42 отсто) од испитаниците поддржуваат членство во ЕУ.

На ниво на цел Западен Балкан, 63 отсто од испитаниците поддржуваат членство во ЕУ, а 8 отсто се против. Неутрален став имаат 27 отсто.

Од испитаниците од Македонија, 21 отсто веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31 отсто до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ.

Групата на испитаници од Западен Балкан кои не веруваат дека нивната земја некогаш ќе стане членка на ЕУ секоја година станува сè поголема. Годинава, таа бројка изнесува 22 отсто.

Граѓаните на Косово, пак, земја која нема ни статус на кандидат за членство во ЕУ, се најголеми оптимисти и 30 отсто од испитаниците веруваат дека ќе станат дел од ЕУ до 2025 година.

Македонија доби безусловна препорака од Европската комисија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во април 2018 година. Почетокот  на пристапните преговори во 2019 година беше одложен поради барањето на Франција да се усвои нова методологија за проширување на ЕУ, а по усвојувањето на новата методологија во февруари 2020 година, Македонија е блокирана од бугарското вето.