Ја почитуваме презумпцијата на невиност,но истовремено сите индиции и докази мора до крај да се процесуираат за да се докаже невиноста или вината на било кој инволвиран во истрагите, вели премиерот Заев во интервју за МИА, околу истрагата за рекет во која се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски дека изнудувале пари од бизнисмен за да влијаат врз обвинител за да се олесни постапката против бизнисменот. Заев во интервјуто вели дека отворањето на овој случај е доказ за тоа дека земјата има организиран систем којшто си ја врши својата работа. Тој упати апел до други бизнисмени доколку биле таргет на рекет да го пријават во ЈО за да може да се добијат сите докази и аргументи што ќе ја даде целата слика.

Законот мора подеднакво да важи за сите без разлика за кој се работи. Во случајот веќе има двајца осомничени, а како што слушнав од медиумите е конфискуван и телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за да утврдат дали постои конекција меѓу неа и првоосомничениот. Поради тоа што се работи за високо позиционирана личност тоа дава мотив за секаков вид политичкки шпекулации. Според мене, Јавното обвинителство треба да каже дали таа е злоупотребена во целиот овој процес или инволвирана во овој процес. Тоа е коректно да се каже, бидејќи се злупотребуваат секаков вид на аругменти за да некој прави политички конструкции или слично, рече Заев.