Постојат контакти помеѓу официјално Скопје и официјална Атина за размена на споменици и други дела кои во земјата асоцираат на хеленската култура од античкиот период. Ова го открива премиерот Зоран Заев во разговор со новинската агенција Франс Прес.

Има иницијативи за институционална размена на споменици, како размена на подароци меѓу две пријателски земји”, вели Заев.

Според Преспанскиот договор, од Скопје се бара да го преиспита статусот на спомениците кои потекнуваат од грчката историја. Говорејќи за АФП, Заев рече дека метални плакати ќе бидат поставени пред некои локации за да „појаснат дека тоа е дел од глобалното културно наследство“.

Пред еден месец Владата во Скопје и грчката министерка за култура Мирсини Зорба ја демантираа информација објавена во грчките медиуми, според кои споменикот „Воин на коњ“ би заминал за Атина, а атинскиот „Тркач“ да пристигне во Скопје. Оваа информација за медиумите ја објави скулпторот на „Тркачот“ Костас Вароцос.

Според договорот во наредниот период сите споменици кои припаѓаат на Хеленската историја ќе бидат означени како такви. Во моментов не постои друга иницијатива во Владата на Република Северна Македонија, соопштија тогаш од Владата.