Премиерот Зоран Заев, во интервју за МИА, вели дека со Бугарија создава дијалог, а не конфликт, смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации.

Во врска со натамошните чекори за решавање на спорот со Бугарија, Заев нагласува дека комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение и додава дека ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите во Бугарија не треба да бидат пречка за решавање на билатералните разлики.

Заев очекува по новогодишните празници нашиот специјален претставник Владо Бучковски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева да ја продолжат комуникацијата за изнаоѓање решение.

Затоа, во вакви моменти, на предизвик, треба да покажеме европски вредности.  Дијалог, наместо конфликт.  Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации.  Заеднички успех, наместо споделен неуспех.  И ние и бугарската страна имаме обврска за македонските и за бугарските граѓани да испорачаме европска иднина, но со почитување на европските вредности – вели Заев.

Тој нагласува дека секое одлагање на нашиот старт на преговорите само го доведува кредибилитетот на Унијата во прашање.

Заев истакнува дека со неодобрувањето на преговарачката рамка, Македонија ќе изгуби драгоцено време, но најголем губитник е Европската Унија.

Ова е удар врз темелите на кои е изградена Унијата. Ние ќе бидеме максимално активни по ова прашање. Ќе се бориме затоа што нашите деца очекуваат да победиме во битките на 21 век, да бидат во ЕУ и да бидат сигурни и стабилни како што се сега во НАТО. Нема да дозволиме со некои кулоари и крчми повторно да ни ја крчмат татковината. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам затоа што тоа е наша, заедничка битка за која се едногласни сите граѓани на нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите останати – вели Заев.