Премиерот Зоран Заев, во интервју за МИА, вели дека нема да има предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата.

Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот – вели Заев.

Говорејќи за можност за предвремени парламентарни избори, кои ги бара опозицијата, по бугарското вето, но и за работата на Парламентот во ситуација, кога и власта и опозицијата излегуваат со тврдења дека го зголемуваат бројот на пратениците, Заев нагласува дека е почнат процесот на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Додава дека тоа е стратешка цел Владата, одобрена од мнозинството граѓани на последните избори.

Во врска со последната анкета на МЦМС, во која разликата меѓу поддршката за СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во рамки на статистичка грешка, 18,6 проценти од испитаниците се изјасниле за владејачката, а 18,1 процент за опозициската партија, Заев вели дека полето за политички натпревар на идеи и концепти е отворено.

Тој потенцира дека граѓаните во неколку различни изборни циклуси покажале по кој пат треба да оди земјата.

Во Штип на локалните избори нашиот кандидат го зголеми бројот на освоени гласови во споредба со парламентарните, без разлика на бојкотот на ДПМНЕ. Најрелевантна анкета е таа што се спроведува на изборите. Во последните три години на три избори победува политичката понуда на СДСМ и на коалицијата – вели Заев