Нема да го разреши Драги Рашковски, но премиерот Зоран Заев вели дека болно е чувството да слушате како зборува висок претставник на Владата,  коментирајќи ја аудио-снимката на која се слуша генералниот секретар како за Италија вели дека е „ебиветер“ држава, а упатува и навредливи зборови за Ромите.

Јас знам дека се извини, денеска мојот советник за надворешна политика, Дане Талевски се виде со амбасадорот Карло Ромео, ќе испратам лично писмо со извинување зошто дефинитивно кога слушате како зборува некој висок претставник на Владата, чувството е болно. Тоа е наша земја пријател и поддржувач од осамостојувањето, Италија и италијанскиот народ се докажани пријатели. Исто така и ромската заедница е нешто на кое во моментов посветуваме најголемо внимание во политичките структури од кои доаѓам – рече Заев.

Сега е ред да се извинат, рече премиерот, но дали тоа било монтирано со употреба на зборови ќе покаже истрага и тогаш ќе се носи одговорност и за тоа и за извинувањата.

Тој рече дека Рашковски за ова се извинил, но во моментов не гледа причина да биде разрешен бидејќи што се однесува до тендерот за М-НАВ нема ништо незаконски и станува збор за тендер завршен во 2016 година.