„Денеска сите ние сме горди на уште еден голем успех на нашата земја и на политиките за остварување на нашиот стратешки приоритет, тоа е членството во ЕУ. Денеска го добивме најпозитивниот извештај досега откако сме држава кандидат за членство, а тоа е 14 години“, истакна премиерот Зоран Заев по врачувањето на Извештајот од ЕК од евроамбасадорот Самуел Жбогар.
За чистата препорака на ЕУ, за почеток на преговори на членство, нагласи, се заслужни сите, Владата, Собранието, сите политички партии и групи кои се вградија во уставните измени и реформи, целото општество и граѓаните.
„Сработивме многу и имаме резултати. Со задоволство ги примивме сите позитивни оценки кои доминираат во Извештајот, но и со внимание ги прифативме сите забелешки што ќе ни помогнат да бидеме уште подобри и уште поуспешни“, рече Заев.
Нагласи дека заклучокот од минатогодишниот јуни бил силен поттик за сите во државата за да ја сработат својата работа.
„Големо беше охрабрувањето за нас политичарите и за граѓаните кога добивме признание за големите историски одллуки што ги донесовме. За остварените реформи и за големата улога што нашата земја ја има и ќе продолжи да ја има за промоција на пријателството и соработката во регионот“, рече Заев.
Лани, додаде, добивме домашна задача и ни беше речено испорачјате вие, ќе испорачаме и ние.
„Ние и без тоа знаевме дека треба да ги завршиме реформите за да си изградиме држава по европски стандарди и за да овозможиме услови за подобар живот за сите граѓани. Испорачавме реформи и обезбедивме одлични односи со соседите по сите стнадарди, покажавме политичка зрелост и европски манири. Нашето време во чекалната го искористивме за да се подготвиме за преговорите за пристап. Денеска сме подготвени и политички и институционално и целосно како општество“, рече Заев и додаде дека во скоро време ќе се комплетира и тимот за преговори, а при крај е и техничкиот подготвителен скрининг на сите поглавја.
Порача дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите.
„Сега на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да испорача одлука што ќе ни ја донесе врз основа на нашите заслуги. Испораката има јасен став за старт на процесот на преговори кој е и во интерес на ЕУ, за улогата на ЕУ како глобален играч за нејзината надворешна политика и за идните перспективи на овој регион. Отворањето на преговорите за пристап во ЕУ е единствната гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“,потенцира Заев.
Comments are closed for this post.