Пописот е статистичка операција што мора да ја направиме, тоа е наша должност, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој коментирајќи го повикот од опозицијата за негово одложување, праша што ќе смени доколку пописот се одржи во мај следната година.
Пописот е од 1 до 21 април како што е предвиден и тој треба да се заврши. Иако се испрати апел дали треба нешто да се промени, уште еднаш повторувам – летото никаде не се прави попис, септември е кампања за избори, октомври се редовните локални избори. Ако одложуваме, кога? До мај да одложуваме? Што ќе смени тоа? Така што треба да се фокусираме сите одговорно да излеземе да го завршиме пописот, изјави Заев на прес-конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој потенцира дека пописот е граѓанска обврска на сите што е јасно утврдено по закон.
-Ако сме држава треба и државнички да се однесуваме и државните постулати да ги поставиме. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани на Република Македонија, повтори Заев.
Тој рече дека се отворени за сите прашања низ дијалог да се решаваат работите и оти е убаво секојпат да се гради консензус таму каде што е возможно. Но, тој повтори дека 20 години Република Македонија нема попис.
-Работиме овде во Владата, во општините, градоначалниците, сите јавни државни и локални претпријатија, сите приватни фирми, па дури и целиот наш народ во магла, во матно. Не ги знаеме бројките, не знаеме колку сме, каде сме распоредени, како сме поставени соодветно, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и каде тоа дава сериозни индиции за максимилизација на економскиот раст и развој на државата, рече Заев.
Comments are closed for this post.