Премиерот Зоран Заев телефонски разговарал со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Разговорот, како што соопшти владината прес-служба, доаѓа по иницијатива на премиерот Заев во однос на прашања од исклучителна важност за Република Македонија, како реформските процеси во нашата држава со кои се исполнуваат задачите кои Европскиот совет ги одреди како предуслов за формален почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година, како и за политичките процеси за усвојување на уставните амандмани.

Во разговорот премиерот Заев, како што се наведува, го информирал претседателот на ЕК Јункер за двата паралелни процеси кои Европската комисија ги отвори во врска со увоз на производи од челик и алуминиум, а кои директно засегаат неколку компании од Република Македонија.

Премиерот Заев посочил дека времените заштитни мерки и анти-дампинг постапките со кои се засегнати неколку држави, меѓу кои и Македонија, имаат негативни последици кон економијата на државата.

Затоа што Македонија незаслужено се најде на листата за овие мерки, премиерот Заев го замоли претседателот на ЕК Јункер да ја разгледа можноста за изземање на нашата држава од времените заштитни мерки и побара решавање на ова прашање со заемно прифатливо решение, во рамки на процесот на стабилизација и асоцијација, се вели во соопштението.

Премиерот Заев изнел уверување дека постоечката верификациска мисија на Европската комисија во македонските компании за анти-дампинг истраги ќе заврши успешно и оти европските експерти ќе се уверат дека нема дампинг практики во овие компании.

Премиерот Заев и претседателот Јункер на крајот од разговорот се согласија дека Македонија покажува видлив и значителен напредок на полето на реформите, а очекувано е и успешно завршување на процесот на уставните промени утврдени во Договорот со Грција. Заедничка е оценката дека доколку нашата држава продолжи и го засили темпото на реформи и завршување на процесот на уставните измени ќе го трасира патот за почеток на преговорите по европските избори во 2019 година, стои во соопштението од Влада.