Зоран Заев не треба да се прашува „што правиме сега“, туку треба да ја почитува волјата на народот. Самиот призна дека одлуката која што ја стави на референдум не беше поддржана од граѓаните и затоа треба да се поклони на македонскиот народ и да отстапи од намерите за бришење на името, идентитетот, историјата, традицијата и културата.
Наместо да се прашува, Заев треба да понесе одговорност за милионите евра истрошени на референдумот на кој народот му кажа дека не ги поддржува неговите антидржавни политики, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем во капитулантскиот договор што Заев го турка на сила се содржат истите гаранции кои беа наведени и во времената согласност од 1995 година. Сите видовме колку тие гаранции беа почитувани од грчка страна и дали Грција не го попречуваше членството на Македонија во НАТО под времената референца. Кариерата на Зоран Заев е поважна од националните и државните интереси. Тој по секоја цена на сила се обидува да го протурка капитуланскиот договор со Грција. Народот беше повеќе од јасен. СДСМ не сака да ја испочитува волјата на 1.2 милиони граѓани кои преку својата апстиненција дадоа и повеќе од јасен одговор дека не се согласуваат со промена на името, идентитетот, јазикот и историјата на Македонија. Зоран Заев и СДСМ треба да сфатат дека само народот и никој друг го има тоа право да одлучува за Република Македонија и тој народ одлучи да нема промена на името на државата и националниот идентитет. Циркусот во собранието од страна на Зоран Заев и иницијативата за промена на уставот на Република Македонија со цел промена на уставното име веќе добро им е познат на граѓаните. Заев продолжува да го гази својот народ да го потценува и да го негира. Единствениот мотив зошто ова го прави е дека сака да ги прикрие сите криминали што ги направи оваа власт. Дополнителен товар му е тоа што има ветено некому нешто што не може да го исполни и затоа тој не само што се откажа од народот туку оди и спротивно на јасно изразената волја, потенцираат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека со капитуланскиот договор од Преспа, СДСМ и Зоран Заев полека ги заокружува сите Грчки барања од 1992 година, кои беа испорачани од Владата на Мицотакис, иако тогаш Македонија доби позитивно мислење од Бадентерова комисија.
Со прифаќањето повторно да се променат чл. 3 и чл. 49, а над тоа и Преамбулата на Уставот, всушност во целост Република Македонија признава дека Грција со право ги спорела овие уставни одредби во целиот изминат период. Заев нема поддршка од граѓаните за неговите политики. Тој се плаши од фер и демократски избори на кои народот ќе го испрати во политичка пензија и ќе му стави крај на неговата неславна политичка кариера, а Македонија ќе победи, стои во соопштението на партијата.
Comments are closed for this post.