Втор пат за неколку денови премиерот Зоран Заев ја најави можноста друг мандатар да ја формира владата. Ова сценарио ќе биде возможно доколку по утрешната средба со Меркел стане јасно дека Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

Заев вчера за „Телевизија 24“ објасни дека  во игра се сите опции како враќање на мандатот, предвремени парламентарни избори, реконструкција на владата, но и друг наместо него да добие мандат за да формира влада.

Доколку тоа се оствари тоа сценарио, Заев треба најпрво да го врати мандатот кај претседателот Стево Пендаровски.Од тој момент владата е оставка и на сцена стапува шефот на државата.

Доколку тој утврди дека парламентарното мнозинство од најмалку 61 пратеник е задржанно има десет дена да  го додели мандатот за формирање влада на партијата која има најмногу пратеници во Собранието, а пак новиот мандатар има 20  денови да излезе со новиот владин кабинет кој повторно ќе треба да ја добие поддршката од пратениците.