Премиерот Зоран Заев ќе го коментира случајот со дипломатскиот скандал со приведувањето на македонскиот дипломат Миле Миленкоски, кој се бара со потерница, откако целосно ќе биде информиран за него.

– Ќе постапиме согласно сите меѓународни договори. За дипломатите како и за сите граѓани додека не побара некоја земја важат истите права. Ние не можеме за наш граѓанин да преземеме било какви дејствија ако тоа некој не го побара. Овој дипломат, како што сум информиран, низ целата своја кариера дел од времето е надвор, дел е во земјава. Не сакам да навлегувам во деталите и причината зошто е побарана меѓународна потерница и дека се бара екстрадиција. Не ги знам деталите и сакам да ги дознам, ќе се распрашам како е докажано дека тоа е така, што се случило. Нормално е дека како земја која ги почитува меѓународните договори и узанси ние ќе постапиме соодветно на тоа. Но, секако, тоа е наш граѓанин и ќе сакаме дополнително да ги дознаеме сите правни акти кои се, зашто пред сè должност ни е да ги штитиме нашите граѓани, но истовремено да го штитиме законот и меѓународното право, изјави Заев.