Премиерот Зоран Заев денес се обрати на свеченото отворање на бензинската станица на „Лук Оил Македонија“ на регионалниот пат Скопје – Куманово при што подвлече дека е потребно да се вклучи договор за слободна трговија со Руската Федерација.

Првата бензинска станица имав чест да ја отворам далечната 2008 година, пред 11 години, како градоначалник на Струмица еве, денеска ја имам честа како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да ја отворам 31вата бензинска станица на „Лук Оил“ во Македонија. Но, дозволете на самиот почеток да им се заблагодарам и честитам, на успешното обраќање на одличен македонски јазик и на амбасадорот Сергеј Баздникин и на регионалниот управител на „Лук Оил“, Александар Куку. Тоа за нас многу значи, тоа е израз на големо почитување и пријателство помеѓу нас и нашите земји“, рече Заев.

Новата бензинска станица на „Лук Оил“ е од извонредно значење за тој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје – Куманово.

Заев информираше дека бензиската станица ги исполнува сите неопходни стандарди за заштита на животната средина. Вградена е опрема со највисоки еколошки карактеристики кои овозможуваат рекуперација на пареите од бензините, спречување на излевање на гас и систем за противпожарна заштита на највисоко ниво.

Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација. Руската Федерација е значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност.

Уверени сме дека поттикнувањето на веќе констатираната потреба од иницирање на постапка за склучување на Договор за слободна трговија со Руската Федерација, ќе биде од интерес на двете земји. Република Северна Македонија е заинтересирана за унапредување на економската соработка, трговската размена и за привлекување на директни руски инвестиции. За таа цел ќе ги интензивираме комуникациите за да ги презентираме можностите за инвестирање во нашата земја за да се среќаваме во нови прилики кога ќе ги промовираме проектите од заеднички интерес“, реќе македонскиот премиер.