Премиерот Зоран Заев уверува дека земјата прави се да изнајде решение со Бугарија и ако успее во тоа, веднаш на 23 јуни ќе треба да ја имаме првата меѓувладина конференција меѓу  Македонија и ЕУ. Во исто време, бугарскиот претседател Румен Радев од Софија порача дека Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Република  Македонија.

– Верувам дека ќе бидеме мудри, комплетно како што стоиме сите, а посебно Владата во заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и дека ќе се изнајде конечно решение да направиме исчекор. Правиме се и навистина имаме добра основа низ португалскиот предлог да изнајдеме решение со Бугарија. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина конференција, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Португалското претседателство, посочи Заев, изненадувачки позитивно изработило инвентивен и креативен предлог, не само за нас, туку и за бугарската страна, што е согласно праксата на Европската Унија и може да биде решение.

– Да ги посветиме, овие уште 20 дена, колку што останаа до Советот на министри. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина конференција, изјави Заев.

Тој сепак нагласи дека не сака да ги поткрева очекувањата и ја повика ЕУ, вклучително и Бугарија, да испорачаат, затоа што ни должат. Тој истакна дека е подготвен да отиде во Софија и на прагматичен начин да замоли за решение.

– Да замолам за решение на прагамтични основи, знаејќи дека никој не сака да погази врз нашиот македонски јазик и македонски идентитет. Така и ќе биде, но сепак решението мора да го најдеме ние, двете пријателски земји, изјави Заев.

Бугарија во 2018 година, посочи Заев, свика Европски самит за Западен Балкан и треба да помолиме Бугарија да остане предводник на евроинтеграциите на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија