Зоран Заев и СДСМ ја доведоа Македонија во подредена и понижувачка состојба со Бугарија. Заканите за интервенции на бугарски разузнавачки служби на територија на Македонија од страна на Румен Радев се директна вина и одат на контото на Зоран Заев, кој ја понижи државата, и ја клекна на колена, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

– Македонија трпи закани заради Заев, кој се откажа од македонското малцинство во Бугарија, и ги фрли во бунар чувствата на илјадници македонци, а е жртва на измислени сценарија и режии со наводни проблеми со бугари во Македонија. Зоран Заев не е во способност да го спроведува Уставот и да го заштити територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. Владеењето на Заев сериозно го поткопува принципот на суверенитет гарантиран со меѓународното право, велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата треба најитно да го осуди однесувањето на Радев, Захариева и другите бугарски политичари кои се закануваат врз интегритетот на државата.

– Владата треба веднаш да ги извести сите меѓународните претставници во Македонија, ЕУ и НАТО за однесувањето на Радев, во спротивно Заев ќе биде директно виновен за поткопувањето на суверенитетот на државата и ќе сноси одговорност во иднина.
Доколку Зоран Заев не реагира адекватно тој станува соучесник во дестабилизација на државата. Зоран Заев мора да знае дека за ваквото однесување и непостапување следува одговорност прво на избори, а подоцна и пред државата, посочуваат од партијата.