По вчерашното гласање во македонскиот Парламент и прифаќање на измена на Уставот, премиерот Зоран Заев им се обрати на граѓаните и порача дека се отворени новите бели страници на иднината на Република Северна Македонија.

„Испишуваме нова реалност на Република Северна Македонија, членка на НАТО, наскоро и на ЕУ во иднината“, рече Заев.

Тој вели дека по големата одлука во Парламентот се разбиени сите дилеми.

„Ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што ја посакуваме, македонска држава,  како држава на европското семејство и членка на НАТО, кои не прифатија како Македонци со свој идентитет и со своја гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитеи на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други кои живеат во нашата Македонија“, истакна премиерот.

Овие денови, потенцираше Заев, заедно со нашиот пријател Грција ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдиме историскиото решение.

„Убеден сум дека  и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент.  Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот од НАТО, а потоа ќе ги поведе останатите земји членки на Алијансата за да бидеме 30. земја членка на НАТО“,  рече Заев.

Тој се заблагодари на секој пратеник за, како што рече, оваа голема и одговорна одлука. Знам, наведе, колку беше тешко да се направи тоа, ја чувствувам и ја разбирам и горчината.

„Сакам да им се заблагодарам на секоја пратеничка и пратеник за оваа одлука. Тешко беше и ја разбирам и горчината и гордоста на секој граѓанин. Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Напишавме историја. Ќе пристапиме кон двете најмоќни организации во светот. Сега нашето пристапување во НАТО ќе продолжи со јасен исход. Го очекуваме и почетокот за преговори за членство во НАТО. Оваа одлука им дава сила на нашите млади генерации, ова е одлука со која градиме гордост на нашите нови генерации да ја нарекуваат Македонија свој дом. Оваа е одлука за безбедна и спокојна иднина. Одлука со која нашата Република Северна Македонија е дел од напредниот и правичниот свет“, рече Заев.

Тој потенцираше дека сега е време да се работи дома. Вели дека сега ќе тргнат кон нов економски поход за да го обезбедат она што го ветуваа – подобар живот, подобар здравствен систем, правен систем со доверба, поголеми плати и фер општество.