Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина.

Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година.

Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција.

Владата на Република Македонија ќе ги продолжи разговорите со Владата на Република Грција се до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави.

Ова е содржината на Владиното соопштение од 20 мај 2018 година, што се уште стои на нејзиниот сајт, како доказ на една, колку налудничава, токолку и безидејна политика на тогашниот премиер Зоран Заев, која гледаме дека има континуитет и во новиот Владин кабинет предводен од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

Да се потсетиме и на изјавата на тогашниот премиер Заев за овој предлог.

Само како потсетување, тогашниот премиер Заев неколку дена подоцна ќе се осуди да ја праша водечката опозициона ВМРО-ДПМНЕ, што има против Илинден 1903 година!

Предлогот датира само неколку месеци пред потпишувањето на двата договора, и тој со Бугарија за Добрососедство, пријателство и соработка, и тој од Нивици, со кој, наводно, се реши спорот со Грција. А, од оваа временска дистанца може само да се замисли какви се последици ќе предизвикаше името на државата „Република Илинденска Македонија“ од аспект на недоразбирањата со соседна Бугарија, зашто согласно нејзиното читање на Договорот, Македонија по автоматизам ќе станеше втора бугарска држава.

И кога и од тогаш и сега владејачкиот СДСМ ќе излезе ваков предлог за името на државата, просто е несватливо истиот тој СДСМ да бега како ѓавол од крст од донесување на декларација во Собранието за ликот и делото на Гоце Делчев. А, уште понесватливи се обидите за дисквалификација и на самата декларација, и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и обвинувањата на нејзина адреса за нови поделби во општеството. Како она да го потпишала асиметричниот Договор со Бугарија и како она да го ставила на маса за преговори тоа што никој здраворазумен не би го ставил-идентитетот, јазикот, културата, колективната меморија и темелите на цел еден народ и нација, македонскиот/та! Тоа што СДСМ, наспроти сите предупредувања, не го предвидел ваквиот развој на настаните и ставил потпис на асиметричен договор, не може и не смее да биде вина, а уште помалку одговорност на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, секое превртување на тезите значи бегање и на СДСМ, и на владејачката коалиција во целина, од вистината и реалноста и широко отворање на патот за натамошна бугаризација на Македонците.

Но, најстрашно од се е што во спроведувањето на ваквата политика се користат добро познатите подмолни УДБ-ашки методи од кои страдаат невини млади луѓе!

Да, од избрзаното заедничко македонско-бугарско чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“ во Скопје на крајот ќе страдаат одделни припадници на навивачката група „Комити“!? Непромислениот потег на две, три лица за сквернавење на поставените венци од бугарска страна, веќе стана предмет на обвинувања од Софија.

Каква иронија на судбината!? Младите „Комити“ цел ден беа под присмотра на полициски сили, што значи и во црквата „Св.Спас“ при положувањето на нивниот скромен цвеќе. Во својот настап, пак, модифицирано за приликата, ги отпеаја рефрените од песната „Послушајте патриоти“, па меѓу другото пееја „…Во зандани бев предаден од проклетите шпиони, неразбрани трговци…“. Да, така пееја, „жими крст и кандило“, анализира „Пресинг ТВ“.

И тие два, тројца „Комити“ сега ќе станат жртви на современите „проклети шпиони, неразбрани трговци“. Ќе станат нови „македонски терористи“, исто како оние од 27 април. Ќе станат жртви на поделбите на македонското национално ткиво, ќе станат жртви на современата македонска мартирологија.

А, зошто? Сигурно не заради тоа што никој не им кажал дека во такви моменти не смее да има никаков ексцес. Ќе биде повеќе заради тоа што владејачката елита одново сака да се прикаже како единствен заштитник на македонско-бугарското добрососедство и пријателство, како единствена политичка сила која влече напред кон евроинтегративните процеси, како единствено добри момчиња во државата и општеството, додека сите останати се небањати и неписмени антидржавни елементи за кои нема место во нивната сопствена држава!!!

Како рече пред некој ден во Охрид, на чествувањето на ловороносецот Григор Прличев, Зоран Пејковски од Друштвото на писатели на Македонија? Ако не се лажам -„Арам да им е млекото на сите предавници на Македонија“!

Епа, нека им е арам на сите, кои ќе се препознаат меѓу нив! Зашто, нивни најнови жртви ќе бидат млади деца од навивачката група „Комити“!