Гледам светлина, бидејќи ЕУ испрати сигнал дека за регионот нема друга алтернатива освен интеграцијата во ЕУ. Процесите мора да продолжат бидејќи постои можност за развој на национализмот, популизмот и радикализмот – рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на лидерскиот состанок за Западен Балкан, што во организација на Светскиот економски форум се одржа во Женева.

Премиерот оцени дека е добро тоа што Република Хрватска ќе претседава со ЕУ од јануари 2020 година бидејќи ќе биде фокусирана кон регионот и изрази надеж дека на Самитот во Загреб ќе има позитивна одлука и за Македонија и за Албанија и за целиот регион.

На прес-конференцијата Заев посочи дека за нашата држава, не станува збор само за тоа дека е земја кандидатка 14 години, туку го развива успешно мултиетничкото општество преку концептот Едно општество за сите, направи реформи, договори со Бугарија и Грција и од авторитарен режим ја обнови демократијата.

Направивме толку многу – потсети премиерот Заев на заедничката лидерска прес-конференција.