Како следна 30 – та земја во Алијансата сериозни сме да бидеме достоинствена членка, а со ваша помош и поддршка одговорно се поставуваме во чекори и со најновите и најсовремени безбедносни системи, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на денешната презентацијата на „Дигитализација на системот за менаџирање на кризи“ во организација на Центарот за управување со кризи и НАТО.

Како нова земја – членка на НАТО, истакна Заев, се надевам дека ќе се приклучиме формално и целосно до крајот на годината, иако години наназад учествуваме во реализација на НАТО целите и мировните мисии.

Информира дека дваесетина земји членки на НАТО веќе го ратификуваа протоколот за пристапување и најави дека во уште неколку држави во тек е процедурата за ратификација.

Премиерот Заев изрази надеж дека целиот процес ќе биде комплетиран до декември 2019 година на Самитот на НАТО, кога ќе се одбележи 70 годишното постоење со 30 земји членки. Смета дека ако Република Северна Македонија стане 30 членка на Алијансата, тоа ќе биде добра порака за политиките на отворени врати за другите земји кои имаат ваква инспирација.

– Интеграцијата во НАТО ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот како на нашата земја, така и на поширокиот регион. Почетокот на овој процес веќе дава резултати и на економски план, со над 700 милиони долари странски инвестиции и уверен сум дека вистинските перспективи за Северна Македонија и за регионот допрва доаѓаат, рече Заев.