Ќе се бришат каматите на долговите што граѓаните ги имаат кон јавните претпријатија. Ова е една од мерките предвидени во петтиот антикризен пакет што денеска го презентираше владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев.

Со оваа мерка не се опфатени каматите на долговите кон приватните компании ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, но премиерот Заев ги повика и нив доколку се во можност, да се приклучат кон оваа акција.

– Со законски измени ќе им се нареди на јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија на државно ниво, Управата за јавни приходи и други јавни институции, како и на општините, да им ги простат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100 проценти. Тоа се однесува за сите физички лица во земјава. Главнината која ја должат повеќе од три месеци по однос на испорачани комуналии и други јавни услуги ќе можат да се репрограмираат со плаќање за вкупно 12 рати, а притоа да се избрише каматата, појасни Заев на прес-конференцијата во Владата.

Реализацијата на мерката за репрограмирањето ќе се направи преку објава на јавен повик во траење од пет месеци, период во кој граѓаните ќе можат да побараат репорограмирање на долговите.

Како што појасни Заев, ќе се направи интервенција во Законот за трговски друштва со што сите оние институции и претпријтија кои ќе ја избришат каматата, нема да плаќаат данок на добивка на избришаното.

Со оваа мерка, рече премиерот, државата се откажува од огромни приходи во Буџетот, но важно е да им се помогне на граѓаните, особено на најсиромашните. Бришењето на каматите на долговите, според него, не значи обесхрабрување за граѓаните кои редовно си ги плаќаат долговите кон јавните претпријатија. Апелираше сите граѓани да си ги плаќаат давачките кон јавните препритијатија