Во Владата денеска се одржа прес-конференција по повод 100 дена од работењето на Владата, на која премиерот Заев, заедно со првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, и со заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, со заменик-претседателот за координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и со заменик-претседателот за европски прашања Никола Димитров, ги презентираа остварувањата од работењето на Владата во првите 100 дена.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
На 31 август, во обраќањето во Собранието реков дека во владината програма е вградена нашата силна определба и политичка волја за континуитет во спроведувањето на заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја:
Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19;
Нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст и одржлив развој;
Ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и внатрешна кохезија;
Активно членство во НАТО и силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската Унија.
И еве не денес, 100 дена после изборот на Владата – гордо изговараме дека ние во овие 100 дена бевме тука со и за граѓаните, целосно посветени на грижа, на одговорност, на сигурност.
На изборот на актуелната Влада претходеа парламентарни избори во услови на исклучително сложена кризна состојба заради КОВИД-19.
Повторно обезбедивме избори во фер и демократска атмосфера, во којашто граѓаните слободно го направија својот избор и ја дадоа поддршката за прогресивната опција којашто во изминатите три години затвори тешки прашања, што три децении се чинеа непремостливи.
Се покажа дека организирањето избори во такви услови беше исправна и единствено можна одлука.
Се покажа дека залудни и неоправдани беа заканите на опозицијата дека изборите нема да бидат безбедни. Се покажа дека зад тие закани се криеше намерата да се блокира силниот системски одговор на здравствената, а со тоа и на економската криза, и да се блокира финансиската помош и поддршка за граѓаните.
Благодарение на успешно спроведените избори и со ангажманот на новата Влада го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно работат во надминување кризата.
Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на оваа Влада, беше справувањето со светската пандемија со КОВИД-19. Го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите наши граѓани. Обезбедивме целосна посветеност на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои пандемијата ги носи со себе.
Министерството за здравство аплицираше за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.
Со цел да гарантираме полесен и побрз пристап за сите граѓани до тестови за КОВИД-19, постојано го зголемуваме бројот на тестирања. Набавивме брзи тестови за здравствените установи. Дополнително, го зголемивме бројот на болнички капацитети за лекување на пациенти со коронавирус.
Пуштени се во употреба новите амбуланти на Клиниката за пулмологија и алергологија. Новиот крак од струмичката болница се пренамени како КОВИД центар. Опремен е и снабден со болнички кревети, со централен довод на кислород. Има капацитет од 100-тина кревети и ставен е во функција.
Се отвори уште едно приемно одделение во Институтот за јавно здравје и се забрза процедурата за земање на тестови за КОВИД-19.
Грижата за здравјето подеднакво ја фокусираме и на другите приоритети. После 30 години надвор од употреба, го пуштивме во работа целосно реновираниот интерен оддел за женски болести во болницата во Кавадарци.
Реновиран е Центарот за дијабетес при Клиниката за ендокринологија. Комплетно се реновирани пет дијабетолошки амбуланти и направена е посебна амбуланта за преглед на итни пациенти.
Целосно е реновиран третиот кат во старата градска болница, а Општата болница во Гостивар го реновираше хируршкото одделение со што ги зголеми болничките капацитети.
Паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија се работеше и се подготви четвртиот пакет економски мерки со цел одржливост на економијата, спас на работните места и грижа за никој да не биде изоставен.
Активиравме политики и мерки за рестарт на домашната економија и за забрзан економски раст, цели што си ги поставивме да бидат најважни во Програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.
Главниот фокус при ребалансот на буџет за 2020 година беше на спроведување на антикризните економски мерки и на инвестирање во човечкиот капитал односно образованието, здравството и социјалата.
Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни донесен е четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра. Заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека околу 1 милијарда евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.
Обезбедивме поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината. Заедно со дополнувањето на овој пакет со нови 8 милиони евра ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал.
На 283.000 граѓани деновиве им се испорачуваат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари во вкупна вредност од 27,6 милиони евра – за пензионерите, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани.
Новиот пакет обезбеди нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, како и грантови за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби и слични, за самостојните вршители на дејности, односно занаетчиите и за други категории дејности.
Во првите 100 дена од работењето на оваа Влада, се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра.
Обработени и подготвени се за исплата барањата од 150 компании коишто претходните години имаат потпишано договори за поддршка на инвестиции во износ од околу 25 милиони евра.
Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата – следиме во што најмногу се вложува во светот. И на тоа се базира и ќе се базира новата македонска економија.
Енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.
Имаме одлука која ја реализираме – постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија – водата, сонцето и ветерот, со цел постепено исфрлање од употреба на јагленот како извор на енергија.
Ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Донесовме одлука и за формирање тимови за преговори за терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција.
Оваа иницијатива, заедно до интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија градба е во напредна фаза. Заедно со надградбата на постојниот нафтовод, креираме систем кој ја прави Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.
Напредокот во примарната гасна инфраструктура го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните. Во тек утврдување на условите за операторите кои покажаа интерес за секундарната мрежа за пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата.
Како резултат на стимулирање на политиките за чиста енергија, во овие 100 дена, е отворена и првата најсовремена фотонапонска централа на „ЕВН Македонија“ во Неготинско – Војшанци.
Поставени се нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршена постапка за инсталација на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј, каде државата очекува најмалку 10% за ресурсите кои ги нуди.
На потегот Крива Паланка – Куманово имаме инвестиција потенцијално вредна 500 милиони евра за 400 мегавати ветерница. Се работи на три засебни проекти од вкупно 90 мегавати ветерници на странски инвеститори во Богданци, Демир Капија и Свети Николе. Истовремено се подготвува локација во Дебарца за 50 мегавати и дополнителни уште 100 мегавати по територијата на целата наша земја.
Со поставената цел од 400 мегавати фотоволтаици и 200 мегавати ветерници во државата, правиме сериозен, многу сериозен исчекор да создадеме слика за нашата земја лидер во регионот во однос на чиста енергија, од обновливи извори.
Во однос на поддршката на локалниот развој ја завршивме постапката со ТАВ за пренамена на 35 милиони евра, првично наменети за карго аеродром во штипско, кои сега се веќе определени да поддржат голем број проекти на општините, покрај дополнителните инвестиции на ТАВ на двата аеродроми во Скопје и Охрид.
Овие 35 милиони евра се пренаменети за 99 проекти за 75 општини за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти.
Како одговорни политичари, но пред сѐ како граѓани, се обврзуваме на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина.
Од државниот буџет, и од Европскиот инвестициски план, ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за 5000 домаќинства.
Донесовме Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел со што е направен значаен придонес во исполнување на целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и препораките на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Исто така, донесена е Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје и започната е процедурата за прогласување.
Со законски решенија предвидовме дополнително зголемување на висината на глобите за загадувачите до 20 пати и воведување на обврска за надоместување на сторените штети. Овие мерки, како превентивни, заедно со поголемите овластувања на инспекторите за животна средина ќе ги обесхрабрат и одвратат потенцијалните загадувачи и ќе го подигнат нивото на свест за ова прашање.
Во првите 100 дена влеговме во интензивен процес на градење на уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните и на спроведувањето на важните политики во образованието и науката, во социјалната и во сферата на културата.
За сите ученици да имаат пристап до образование во време на пандемија воведовме успешен модел на комбинирана настава. Над 90% од учениците успешно следат онлајн настава. За учениците од 1 до 3 одделение под здравствени мерки и протоколи се одржува настава со физичко присуство, а дел од учениците следат настава на Националната телевизија каде се емитуваат часови на македонски и албански јазик. Секое дете мора да има пристап до образование и соодветни услови за развој.
Ги дигитализиравме услугите за аплицирање за стипендии и за нострификација на дипломите и свидетелствата. Со ова го олеснуваме пристапот до услугите и ја намалуваме можноста за корупција.
Она што е многу важно, во годинешниот Буџет за првпат Министерството за образование издвојува 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти. Овозможуваме секое дете да го развие својот потенцијал преку креирање инклузивни образовни политики и грижа за индивидуалните потреби на сите ученици.
Инвестираме во науката затоа што Северна Македонија има голем број иновативни млади луѓе кои имаат многу да понудат. За прв пат е воведено грантово финансирање на научни проекти на високообразовните институции во соработка на МОН и ФИТР. Преку првиот јавен повик на факултетите и истражувачките центри им се доделени 34 иновациски ваучери во вкупен износ од 15 милиони денари. Со иновациските ваучери се покриваат до 80% од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги.
Успешно е менаџиран процесот на отворање и на работење на детските градинки во услови на пандемијата КОВИД-19.
Отворени се пет нови градинки и тоа во Општините Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово и Брвеница со што е зголемен опфатот за 313 места. Во тек е изградбата на уште пет кои до крајот на годината ќе згрижат уште 300 деца.
Во креирањето на своите политики, Владата не заборава на ниту една категорија граѓани.
Започна изградба на три нови социјални згради во Демир Капија 16 станови, во Велес 29 станови и Гевгелија 52 станови, како и интензивно продолжување на изградба на 506 станови во Пробиштип, Виница, Свети Николе, Бутел и Неготино.
Променет е условот за финансирање на капитални објекти. МОН со финансиски средства поддржува капитални проекти исклучиво само ако се пристапни или стануваат пристапни за лица со попреченост.
Во изминатите 100 дена, конечно се изгласа Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ја изработивме драфт верзијата на Предлог-законот за измена на Законот за работни односи за недела неработен ден и на Предлог – законот за измена на Законот за социјална заштита, за да ја намалиме на границата за лична асистенција за лицата со попреченост од 18 на шест години.
Институциите мора да бидат во служба на сите граѓани, а дигитализацијата тој процес го прави многу поедноставен. Националниот портал за е-услуги е надграден со нови услуги: нострификација на дипломи, апликација за студентски и ученички стипендии, упис во училиште, упис во градинка, апликација за грант за реновирање на училишта и други.
Северна Македонија има непроценливо културно наследство, а наша обврска како Влада е да го штитиме, промовираме и унапредуваме.
Затоа за прв пат од 2002 година е обезбеден е рекорден буџет за заштитата на културното наследство за финансирање на културните добра од национално значење и за да се забрзаат постапките за нивна заштита и конзервација.
Во црквата Св. Ѓорги во Курбиново, каде што е светски познатата фреска „Ангелот од Курбиново“ се започнати конзерваторско-реставраторски интервенции на архитектурата на црквата – активност која ќе продолжи и во текот на следната година.
Владата ја поддржа и иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, во регионот кој сега се препознава по Договорот од Преспа, со кој воспоставивме ново стратешко партнерство со Грција и ги обезбедивме нашите перспективи во евроатлантските и европските перспективи.
Пред 100 дена, во Собранието најавив дека влегуваме во време на ред, правда и дисциплина и во време на прочистување на судството и неселективно владеење на правото.
Во временската рамка на првите 100 дена на оваа Влада стигна и позитивниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија во кој се истакнува дека оваа извршна власт ја започна трансформацијата на земјата по европски терк и овозможува еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред законот.
Правдата станува еднакво достапна за сите. Со одлуката на Уставниот суд со која стана јасно дека поништувањето на аболицијата на поранешниот претседател Иванов е уставно и законско, пропадна и последниот обид на обвинетите лица опфатени со амнестијата на Иванов да се ослободат од одговорност.
Сега, предметите подигнати и водени од СЈО ќе влезат во процес на правна разрешница, низ независни, ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта. Ќе потсетам дека само Мицкоски беше против измените на Законот за јавно обвинителство со кој се гарантираше иднината на предметите. Или што би рекол и самиот тој “тој беше единствениот кој застана на браникот на криминалот”.
А, ние, за граѓаните обезбедивме уште едно олеснување за непречен пристап до правда со повеќекратното намалување на судските такси.
Нотирани се остварените видливи резултати како во судството, така и во борбата против корупцијата. Воедно, оддадено е признание за добриот напредок на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството. Констатирана е и усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера.
Со максимална почит за независноста на правосудството, Владата преку Министерството за правда го помага усвојувањето на методологијата по која ќе се изврши филтрацијата на судството и обвинителство. Тоа ќе се прави исклучиво преку телата на правосудната власт, преку која Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе направи филтрација во своите редови, односно ќе ги одвои чесните од нечесните судии и обвинители.
Нема да биде заштитен никој и во извршната власт доколку ги прекрши етичките норми и незаконски работи. Затоа ги разрешивме функционерите кои тоа се обидоа да го направат.
Во исто време, сите законски и други услови за одржување на пописот се во завршна фаза. Законот за попис деновиве (а можеби и денес) ќе биде на конечно усвојување на пленарна седница во Собранието.
Со тоа ги обезбедуваме сите услови за оваа статистичка операција од чии показатели ќе произлезат насоките за некои од најзначајните прашања за идниот стратешки развој на земјата. Граѓаните бараат попис, на државата и треба попис – ние тоа на пролет ќе го обезбедиме и овозможиме.
Од оваа година Северна Македонија има уште едно одличје во сопственото брендирање олицетворено во мотото „Ние сме НАТО. Заедно сме посилни“. Како Македонци и со нашиот македонски јазик ќе бидеме и членка на ЕУ.
Со членството во НАТО нашата безбедност е гарантирана. Остварена е стратешка цел. Нашиот суверенитет и територијален интегритет се под заштита на најмоќната политичка и воена алијанса во историјата на човечката цивилизација.
Во НАТО сме еднакви со најразвиените и најмоќните земји во светот. Активно придонесуваме за одржување на мирот во светот, и за подобрување на стабилноста пред се во нашиот регион што е клучен предуслов за одржлив економски развој.
Завршена е процедурата за усогласување на Меморандум за соработка со НАТО на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад.
Како членка на НАТО, Владата донесе одлука за воспоставување на Центар за поддршка на локални компании чија примарна задача ќе биде поддршка на компаниите и олеснување на нивниот пристап на НАТО пазарот.
Во рангирањето на Транспаренси Интернешнл за земјите од централна и источна Европа ние сме на високото второ место и се наоѓаме пред 4 земји членки на ЕУ и 6 земји членки на НАТО во однос на интегритетот на владите во секторот одбрана.
Тука сакам да изразам и благодарност до НАТО и до ЕУ за покажаната солидарност за помошта што ја добивме за справување со КОВИД-19 , хуманитарна, низ медицински материјали и финансиска.
Во однос на регионалната соработка ќе ја издвојам и успешната организација и реализација на завршниот лидерски самит на Западен Балкан во Софија во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Република Бугарија.
Лидерите од регионот потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција за чекор поблиску до единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда.
Двете декларации во нивната имплементација ќе бидат поддржани со средствата од Економскиот и инвестициски План за Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра за економска конвергенција со Европската Унија.
Во исклучително важни моменти за солидарност меѓу земјите од регионот, во рамките на иницијативата за напредна соработка на земјите од Западен Балкан, со претседателот Вучиќ и премиерот Рама договоривме секоја од нашите држави да го покрие трошокот за лекувањето на граѓаните од Северна Македонија, Албанија и Србија доколку било кој од нив се најде во некоја од овие земји со утврдена дијагноза КОВИД-19 и му е потребно болничко лекување. При тоа слободно се патува во овие земји без ПЦР тест.
На меѓународен план, пред десеттина дена ни беше оддадено уште едно признание. Северна Македонија ќе претседава со Организацијата за Безбедност и Сигурност во Европа, односно со ОБСЕ, во 2023 година.
Ова одлука претставува и огромно признание за нашата Влада за улогата која ја имаше во изминативе 3 години во градење на мостови на соработка на регионално ниво, како и враќањето на меѓународна сцена после долги години на изолација.
Во изминатите 100 дена, едно од најважните прашања на кое секојдневно беше посветена оваа Влада, беше изнаоѓањето решенија за прашањата што ги постави Бугарија како пречка пред конечната согласност за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ.
Оваа Влада, ниту нашата држава, ниту нашиот народ, немаме ни најмала вина за оваа ситуација.
Ние застанавме цврсто на ставот дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори и дека ние не можеме и никогаш нема да се откажеме од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ООН и со сите други меѓународни договори и конвенции кои ги има потпишано дури и Република Бугарија.
Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности ќе може да се надомести бргу.
Владата на Северна Македонија нема да дозволи неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот.
Сега со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома, а паралелно и целосно посветени на продолжување на разговорите со соседна Бугарија. Ние знаеме дека решенија се можни. Знаат и тие.
Без разлика на исходот од преговорите, ние остануваме заедно во директно партнерство со огромното мнозинство европски земји и ќе го донесеме најдоброто од секоја нив во Северна Македонија. Европа ја носиме дома!
Резимето од 100-те дена е прилика да ја изразам мојата и благодарноста на Владата до сите наши сограѓани од сите етнички заедници и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, а особено до претставниците на коалициони партии, за досегашната поддршка за спроведување на заеднички утврдената Програма на Владата.
Владата останува на утврдениот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива и нема откажување!
Продолжуваме како и во првите 100 дена.
Заедно со граѓаните!
Со грижа и со одговорност, обезбедуваме сигурност“.
Comments are closed for this post.